Ми се оствари сонот, ќе студирам на „Бокони“ во Милано: Марко Велјановски од Скопје на светски познатиот Универзитет за економија

Ми се оствари сонот, ќе студирам на „Бокони“ во Милано: Марко Велјановски од Скопје на светски познатиот Универзитет за економија

Објавена во: Совети // School zone

Марко Велјановски, матурантот од Меѓународното средно училиште „Нова“, вели дека уште како ученик во основно училиште мечтаеал еден ден да го продолжи образованието на реномиран светски универзитет. Неговиот сон  полека почнал да се остварува по добивање на стипендија од „Нова“. „Бев среќен што ќе учам на англиски јазик и ќе се здобијам со меѓународна диплома. Таму, изборот на факултет, подготовката на апликациите, учеството на натпревари, и воопшто, градењето на биографија која ќе помогне при уписот на Универзитет е нешто за кое се подготвуваат учениците уште од првата година“, вели Марко. Сега, неговиот сон е комлетно остварен откако се запиша на еден од најдобрите светски Универзитети за економија, „Бокони“, каде што ќе студира меѓународна економија и финансии,

# Како се реши токму за Бокони, ти го препорача ли некој?

Минатото лето бев на универзитетот Стенфорд на летна школа за теоретска математика, каде запознав ученици од Италија, од кои дознав дека математиката многу се изучува на различните програми за економија и вештачка интелигенција на Бокони, па веднаш го ставив на листата на универзитети на кои аплицирав.

# Кажи ни повеќе за самиот Универзитет, за твојата насока таму

На Бокони ќе студирам меѓународна економија и финансии, на англиски јазик, со многу изборни предмети од информатичката технологија. Огромен предизвик е да се слушаат во живо познати светски професори, чии предавања досега сум ги гледал на интернет, и да се биде дел од интернационална група студенти, а истовремено да се живее во универзитетски кампус изграден според најнова технологија. Бокони е во срцето на светски финансиски центар, Милано, и овозможува пристап за студентите до познати компании, можности за размена со многу универзитети во САД и Велика Британија, што ми беше пресудна причина да ја прифатам поканата и да станам дел од таа заедница.

# Објасни ми ги правилата на аплицирање, упис, кои процедури ги помина, колку траеше сето тоа?

На почетокот од четврта година, почна подготовката на апликациите кои траеа цело полугодие, што вклучуваше полагање на стандардизирани тестови по англиски јазик, математика и физика (SAT тестови), за кои се подготвував цела година однапред. Успешните апликации вклучуваат висок просек, резиме за постигнувања на натпревари, објавени истражувања и мотивациско писмо. Иако Бокони најмногу внимание при уписот обрнува на оценките, сепак уверен сум дека воншколските активности, како на пример, мојата изложба по астро-фотографија, волонтирањето во Црвениот Крст и учеството во истражувачки проект по економија и развој, беа причините што бев избран помеѓу толку многу студенти од целиот свет. Убаво е чувството што заради постигнатиот успех досега, Бокони ми додели меѓународна стипендија во комбинација со финансиска помош и ме направи горд што ќе му го олеснам финансискиот товар на моето семејство.

# Веруваше ли од самиот старт дека ќе бидеш примен, што те туркаше напред? 

Научив дека животот носи многу непредвидени работи, но вредното учење и работа на себе – на крајот, водат до успех. Колку и да изгледаше тешко во изминатите години кога требаше да се организирам и да учам за испити и да се подготвувам за безброј завршни проекти, а да најдам време и за моите интереси: музиката и астрономијата, сепак, на крајот тој труд доведе до остварување на сонот. Откако ме известија дека сум примен уште во март, многу порелаксирано учев до крајот на матурата.

# Дали аплицирањето почна пред кризата со Ковид-19, со оглед на тоа дека седиштето на Универзитетот е токму во Милано?

Само што бев примен, Милано стана жариште на Ковид-19, па секојдневно ја следам ситуацијата таму. Сите новопримени студенти сме во онлајн група каде што комуницираме за тоа што нè очекува како начин на живеење според новите услови. Не ме плаши ситуацијата во Милано, бидејќи верувам дека со заштита и мерки кои ги воведе универзитетот, ќе успееме да се носиме со предизвиците. 

# Како ќе се одвива начинот на студии, со оглед на состојбата со вирусот?

Изминатиот семестар наставата на Бокони беше онлајн, но се надевам дека од есен сè ќе биде во живо и ќе живеам во еден од студентските домови на Бокони кампусот. Се радувам што ќе запознаам млади луѓе од целиот свет со кои ќе учам и ќе работам на интересни научни истражувања.

# Дали имаш поддршка од семејството за заминување на студии во странство,дали си подготвен да живееш сам?

Досега ја користев секоја можност за едномесечни кампови и школи во странство, па решително се подготвувам да заминам од дома на подолго. Освен што ќе учам, ќе мора многу обврски да завршувам сам, но на тоа гледам како на созревање во нова држава со нови луѓе. Семејството секогаш ме поддржувало и верувало во мене, а денес со новата технологија сè е полесно. Се чувствувам подготвен да заминам и нестрплив сум да се осамостојам.

# Како еден матурант и воопшто, твојата генерација гледа на опасноста од вирусот, дали си во контакт со другарите од класот?

Кога ги спремавме испитите правевме многу планови за летни излегувања и дружења, посебно што ова требаше да биде едно од најопуштените лета, но животот често носи изненадувања, па моравме да се навикнеме на многу работи поинаку. Дури и мојот 18-ти роденден го прославив во карантин со друштво онлајн. Сега возиме велосипеди, одиме во парк или до Водно, а користиме маски и дезинфекција за да го чуваме не само нашето, туку и здравјето на сите околу нас. Свесен сум за опасноста на вирусот, но, животот оди понатаму и еве, одам на часови по возење и се надевам дека ќе добијам возачка дозвола до крајот на летото.

# Како го „преживеавте“ моментот дека нема да можете да славите матура, еден од најубавите моменти од средношколските денови? 

Бидејќи ќе заминам од државата, многу би сакал, сепак, да има начин да се поздравам во живо со сите другари. Сè уште сосема не сме се откажале од некакво одбележување на матурата, ако има за тоа услови во следните месеци. Научив дека најлесен начин за да не се тагува е да се мисли на иднината, односно да се прават подготовки за сосема нови поглавја во животот од есен.

# Кажи ми нешто повеќе за тебе приватно, хоби, што те прави среќен кога не учиш?

Кога го учам тоа што ме интересира, всушност не ми е само обврска, туку и занимација, а во моментов сум воодушевен од онлајн бесплатниот курс на МИТ“multivariable calculus”. Најмногу се опуштам со свирење пијано, а во деновите на карантин, токму пијаното го користев најмногу и сите емоции на радост, разочарување или надеж се обидев да ги пренесам во компонирање. Моја страст се ѕвездите и среќен сум кога сум на ноќно снимање со мојот астрономски клуб, па се надевам дека овие свои хобија ќе ги продолжам и во иднина... Овие денови ги користам моментите за долги семејни разговори, или ѝ посветувам внимание на мојата помала сестра и едноставно ги полнам батериите со позитивна енергија, подготвувајќи се за тоа што ме очекува.

Милица Џаровска 


Објавена во: Совети // School zone

Можеби ќе ве интересира: