Ми велеа дека татко ми е на далечен пат, кога тргнав на училиште ја дознав вистината: Мелани Тарчуловска за тешкиот период од детството и за музиката
Младата поп- пејачка Мелани Тарчуловска, ќерката на Соња и на Јохан Тарчуловски вели дека со нејзиниот настап на фестивалот „Макфест“ направила свежа промена на нашата поп сцена.
Мелани минатата година беше најдобар дебитант на „Охрид фест“, со силна поддршка од родителите, а пред две недели, ја придружуваа и на „Макфест“. За Хаштаг, Мелани искрено зборува за својата љубов кон музиката, но и за мајка ѝ Соња, и периодот кога татко ѝ Јохан беше на издржување на затворска казна во Хаг во Холандија и во Диц-Германија од каде што се врати во 2013 година, кога Мелани имаше 8 години.
„Со оглед на тоа дека Макфест е еден од најгледаните фестивали на нашите простори, сметав ека годинава е вистинскиот момент за да направам свежа промена на нашата сцена со мојот нов сингл „CON EL DIABLO". И оваа година се претставив со проект зад кој стојам исклучиво ЈАС, од текстот па сè до аранжманот. А што се однесува до настапот бев и возбудена и со малку трема што е сосема океј, но кога видов како публиката ја пее мојата песна, притоа тогаш не беше објавена на мојот „YT“ канал, заборавив на сè “ - ни раскажа Мелани која е сè уште еуфорична и среќна по овој настап.
Сепак, по фестивалот, таа добила и некои критики за кои вели дека била подготвена, иако инфорамциите кои се ширеле биле неточни.
„Јас бев и сум спремна на обострани реакции. Од тие дека песната ја пеев на „playback“ (иако ја пеев во живо) и дека градам кариера врз основа на педигрето на моите родители, до коментарите дека годинава се појави повторно 17- годишната тинејџерка која имаше најдобра песна и сценска изведба на фестивалот“ - вели Мелни.
„Моите родители како и секој родител ме подржуваат во секоја моја одлука. Тие беа мојата најголема поддршка за време на настапот во Штип“ - кажа таа за Јохан и за Соња Тарчуловски.
Талентираната пејачка ретко зборува за моментот кога татко ѝ не бил покрај неа, за неа е тоа болно минато. Јохан Тарчуловски беше однесен во затворот во Хаг кога таа беше бебе. За да ја заштити, нејзината мајка ѝ рекла дека татко ѝ е на далечен пат.
„Што се однесува до минатото на мене и мојата фамилија тоа е тема на која ретко зборувам. Бев мала и не бев свесна што ни се случува. Јас знаев дека татко ми е на далечен пат, сè до моментот кога тргнав на училиште, научив да читам и пишувам. Тогаш веќе не беше возможно да се сокријат новините и коментарите од страна на луѓето. Луѓето се сурови и понатаму на таа тема, но денес ретко кој има храброст да ме праша мене за истата“ - ни раскажа Мелани.
Таа со радост се сеќава на нејзините почетоци, на моментот кога вистински ја засакала музиката, но и за теретот кој несвесно го носи, поради тоа што мајка ѝ е позната фолк-пејачка.
„Па, најчесто се криев или пеев само кога бев сама. Баш поради коментарите „И ти ли ќе бидеш пејачка како мајка ти" кои мене ми го разлеваа лончето што се вели хаха. Јас и мајка ми сме два различни карактери кои живеат во два различни света“ - вели Мелани која се образува за професионален музичар.
„Јас сум сега четврта година во музичкото училиште во Скопје и таму се докажувам исто како и на полето на мојата професија. Сум теоретичар, изучувам стручни предмети и раководам со два инструмемти. Во приватниот живот, Мелани не е истата Мелани која што луѓето ја гледаат пред екраните. Таму сум уметник, а кога се гасат на крајот од денот изгледам како секое младо 17 годишно девојче. Скромно и посветено на вистинските приоритети“ - ни кажа Мелани за себеси.
Ентузијастички вели дека има многу интересни идеи на ум за кои се во реализација и за кои ќе се дознае набрзо. Најавува нови песни, настапи на едно од најпознатите телевизиски шоуа на Балканот и уште многу други новитети.
„Мојот нов сингл „CON EL DIABLO" e официјално објавен на мојот „YOUTUBE“ канал. Слушнете и уживајте“ - порачува Мелани.
Милица Џаровска
Фото: Приватна архива