Со музиката ќе се дружиме уште долго, ова е само предигра: Интервју со Мелани Тарчуловска
Изминатиот период сите зборуваа за Мелани Тарчуловска, постарата ќерка на Соња и Јохан Тарчуловски. Таа има 15 година и е ученик во средното музичко училиште Илија Николовски - Луј. Таа уште сега го пронајде својот пат во животот и ја одбра музиката како идна професија.
Нејзиниот успех, освоеното второ место на меѓународниот фестивал во Малта вели дека е само почеток на она што допрва ќе следува. Амбициозна е, млада и преталентирана, а за тоа одличен доказ беа и резултатите од фестивалот. Таа за Хаштаг, ги откри своите сегашни и идни планови поврзани со музиката, но откри и кој бил виновникот за овој нејзин избор во животот.
# Со оглед на тоа дека имаш израснато со музика, од колку години за првпат го откри твојот талент за пеење и секако кој го откри тоа?
Да, јас пораснав во околности каде музиката ми беше извор на секојдневното расположение. Мојот талент го открив на 8 - 9 години, секако благодарение на мајка ми која што ми постави неколку едноставни прашања од типот дали сум се запрашала со што сакам да се занимавам во иднина и по тие прашања ми го смени животот.
# Твојата мајка е понаклонета кон фолк музиката, а ти се одлучи за еден поинаков правец. Колку таа ти помага?
Можеби сме два различни света, но таа е личност која секогаш стоеше позади мене, стои и ќе стои се додека смета дека сум на вистинскиот пат. Мојата фамилија ми е најголема поддршка и среќна сум што се покрај мене. Ме предизвикуваат да стремам кон моите цели.
# Што е она што најмногу ти лежи? Имаш ли некоја омилена песна која ја пееш во секоја прилика?
Јас не сум базирана само на еден жанр на музика. Обожувам да си играм со музиката на начин кој што мене најмногу ми одговара. И покрај големиот број на песни кои ги обожувам и пеам, сепак можам да ја издвојам „Love is on the line“, но тоа не значи дека не сакам да пеам песни на друг јазик - едноставно во англиското најмногу се пронаоѓам.
# Посетуваш ли часови по пеење?
Да, имам посетувано часови. Моментално истите вежби кој треба да ги применам на тие часови ги правам во домашни услови, пред се поради ситуацијата со Covid-19.
# Неодамна го освои второто место на музичкиот фестивал во Малта. Како ја дочека веста? Која беше твојата реакција кога ги соопштија резултатите?
Искрено бев шокирана. Јас на тој меѓународен фестивал се пријавив со едноставна причина, сакав да запознаам и да бидам запознаена. Моментот кога ги добивме резултатите се наоѓав во ресторан со мајка ми и брат ми и мислам дека од персоналот, па се до гостите тој ден ќе го паметат по мојата емотивна и гласна реакција.
# Кој најмногу се израдува на твојот успех?
Секој за својот успех е најсреќен.
# Слободно може да се каже дека овој успех беше твоја отскочна даска. Какви се плановите сега - ќе објавиш ли твоја авторска песна или како многу млади надежи најпрво ќе си ја пробаш среќата во некое балканско натпреварување?
Имав добра конкуренција и за мене тоа е предност. Слободно можам да кажам дека направив „Level up“. Ќе има и авторска песна, но поради моменталната ситуација не сум во можност да го дадам својот максимум. Се работи на тоа да се најде добар целокупен тим кој ќе вложи во мене и во работата исто колку што сум спремна да вложам и јас. Музиката е бизнис и си го бара своето. Од мене очекувајте силен бран. Можеби ќе учевствувам на уште неколку фестивали, но ништо не е сигурно.
# Какви се твоите планови за иднината? Каде се гледаш за 10 години?
Мојата цел е многу јасна. Со музиката ќе се дружиме уште долго, ова е само предигра. А, за 10 години ќе бидам на моето место, таму каде што ми е пишано да бидам.
# Веќе ја спомна пандемијата на коронавирус, па како млад човек што би им порачала на твоите врсници?
Бидете паметни, останете во своите домови, пијте добро кафе и слушајте квалитетна музика. Среќата е многу убава работа.
# Кој хаштаг најчесто го користиш?
Најкористен хаштаг ми е #bidiedinstven
И. Мисајловска