Мини маскембал во кругот на семејството, а надвор не излегувајте без заштитна маска

Мини маскембал во кругот на семејството, а надвор не излегувајте без заштитна маска

Објавена во: Совети // Семејство

Денес сите добро знаеме дека е Денот на шегата. На 1 април сите се трудиме да ги надмудриме и прелажеме нашите најблиски, а најмалите на овој ден особено му се радуваат поради маскембалот.

На овој ден секое дете, па и возрасен може да се трансформира во својот омилен суперхерој или пак омилен лик од некој филм, може да биде и предмет, но и познат пејач или пејачка. Оваа среќа и радост која ја носи овој ден, ќе биде помалку или повеќе ускратена и тоа поради пандемијата која владее ширум светот.

Поради заштитата од коронавирусот мораме да остане дома, да ги почитуваме препораките, а масовното собирање уште пред неколку недели остана во заборавот. Затоа за денешниот ден да го направите поинтересен и воедно да ја победите монотонијата и досадата која владее, организирајте мини маскембал. 

Да, да, не се шегуваме. Искористете ги сите маски кои сте ги зачувале од минатите години и ангажирајте ги сите во семејството кои живеат со вас. Брат, сестра, мајка, татко, баба, дедо, чичко, стрина, вујко, вујна, братучеди или пак тетка и тетин, не е важно, она што е важно е дека денес сите треба да имаат своја улога. 

А, за овој мини маскембал да има смисла организирајте избор на најдобра маска, а за тоа преку социјалните мрежи нека ви помогнат вашите пријатели. Наградата за победникот нека биде мало џебно шишенце со средство за дезинфекција, бидејќи тоа е едно од најпотребните производи периодов.

Нека оваа забава ве задржи дома, како вас - така и членовите на вашето семејство, а доколку навистина мора некој да излезе барем на кратко, заштитната маска нека му биде изборот на „маска“ за овој 1 април.

#СедетеСиДома и забавувајте се, бидејќи здравјето е пред сѐ!

И.М.

Објавена во: Совети // Семејство

Можеби ќе ве интересира: