Мислеа дека сум родена во Германија, но им покажав од каде доаѓам: 9-годишната Анастасија за видеата на кои треба да биде горд секој Македонец

Мислеа дека сум родена во Германија, но им покажав од каде доаѓам: 9-годишната Анастасија за видеата на кои треба да биде горд секој Македонец

Објавена во: Stars // Интервјуа

Анастасија Анастасова е девојчето кое на многу возрасни им покажа како се сака татковината. Имено, ова 9-годишно девојче, веќе неколку години со своето живее во Хамбург, Германија. Сега е четврто одделение, а пред некое време одлучи на своите соученици, но и на целиот свет да им ги покаже убавините на Македонија.

Анастасија стана популарна по видеата кои ги објавува на Јутјуб, а во нив зборува за убавините на Македонија. 9-годишното девојче на течен германски зборува за земјата од која потекнува, а на секое видео има и македонски превод, кој е наменет за нејзините следбеници од Македонија.

Во интервјуто за Хаштаг, таа ни откри како дошла на идеја да ги снима овие видеа, кој и помага најмногу, кои се нејзините идни планови, но откри и какви други хобија има.

# Ќе може ли да ни раскажеш како започна да ги снимаш видеата во кои ја промовиш нашата држава? Од каде идејата на светот да му ги покажеш убавините на Македонија?

Идејата најпрво дојде од училиште, поточно моите другарчиња кои мислеа дека сум родена во Германија, бидејќи веќе го имам германскиот акцент и затоа решив да им кажам на сите од каде доаѓам. Но, имаше уште една случка која исто така беше причина – барањето на мојата тетка за нејзиното дете (мојот братучед), која побара од мене да зборувам на германиски за Македонија и така прво го снимив за дома, а тој го презентираше во училиште и помина одлично. Потоа им го покажав и на моите другарчиња и одлучив да продолжам.


# Кој најмногу ти помага околу снимањето на видеата?

Голема поддршка имам од многу страни. Сите мислат дека видеото лесно се прави и дека за ден два е готово, но не е така. Најпрво со мајка ми и татко ми одбираме тема. Секогаш ја обработуваме претходно и една недела зборуваме за неа. Потоа договараме кој ден ќе снимаме, бидејќи имам и помал брат и мораме да се организираме со него. Потоа многу работи зависат и од локацијата – дали е надвор или дома. Освен нив, ми помагаат и другите членови од фамилијата, која секое ново видео го очекува со радост и го споделуваат. Имам поддршка и од новите луѓе што ги запознав додека ги снимав видеата и кои ми помагаат на некој начин.

# За што најмногу сакаш да зборуваш во нив - за културата, историјата, храната...? И зошто?

Искрено, јас од 4 години сум во Хамбург, Германија и немам учено ништо за Македонија, сето тоа што знам, го знам од дома, поточно од раскажувањето на моите родители. Сега, покрај видеата сѐ повеќе се интересирам и сакам зборувам за сѐ што потекнува од Македонија, без разлика дали е за традицијата, верата или храната. Но, сакам и да покажам и личности кои прават нешто за Македонија. Околу историјата не сакам многу да зборувам за датуми, бидејќи ме следи и помлада популација. Имам само 9 години.

# Како реагираат твоите пријатели од училиште на твоите видеа? Дали можеби пројавуваат желба да ја посетат Македонија? Ти поставуваат ли некои дополнителни прашања?

Сите другарчиња едвај чекаат ново видео и мама има многу пријатели што се Германци и им ги праќа сите мои видеа. Сите веќе ни кажаа дека сакаат да ја посетат Македонија и се воодушевени.

# Можеш ли да одбереш едно омилено видео од оние кои ги имаш досега објавено?

Хмммм, тешко прашање. Не можам да издвојам, извинете.

# Тешко ли е да се координираш помеѓу училишните обврски и снимањето видеа? Колку време ти одзема снимањето на едно видео?

Навистина е тешко да се координира, бидејќи посетувам и гимнастика, како и хип-хоп танци. Кога имаме тестови, тогаш сум пребукирана со учење, бидејќи тоа бара многу работа. А, за видеото не е само снимањето, прво е потребно подготвување, па договарање и снимање. Тоа е мојот дел. Потоа тато го досредува со мојата мајка, а за тоа сигурно им се потребни недела до две. Значи за едно видео сигурно треба да одвоиме три недели.

# Бидејќи во видеата за Македонија говориш германски, дали можеби планираш да снимиш видеа на македонски во кои ќе ги покажеш убавините на Германија?

Сега во план ми е во зимскиот период да снимам неколку видеа низ Хамбург за да ги покажам убавините на градот, но во моментов сме во план да зборувам на германски, но да оди со македонски превод. За во идинина, не знам.

# И како за крај, ќе може ли да ни откриеш кој е твојот омилен град во Македонија и зошто?

Јас немам посетено многу градови, бдиејќи сега кога доаѓаме во Македонија ги посетувам одново. Не се сеќавам на ништо од периодот кога бев мала. Досега ги има посетено Охрид, Прилеп, Струмица, Кратово, Битола и селото на моите баба и дедо, во Долно Чичево. Кој град ми е најубав не знам, се надевам дека следниот пат кога ќе правиме интервју, ќе имам посетено уште некој град и ќе се одлучам.

И. Мисајловска

Објавена во: Stars // Интервјуа

Можеби ќе ве интересира: