Мислевме дека нема повторно да се појави глас како на Васка Илиева, но еве ја: Интервју со 16-годишната Јована Богданоска која ја наежи цела нација
Од крајот на минатиот месец сите зборуваат за 16-годишната Јована Богданоска. Имено, на 19 ноември, оваа ученичка во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ ја објави својата верзија на македонската народна песна „Не плачи мајко, не жали“.
„Презадоволна сум и од прегледите, како и од коментарите на песната. Мислам дека извадивме нешто што ќе остане за навек“ – за Хаштаг посочи Јована, која сето ова го реализираше во рамките на музичкиот проект „МАКЕДОНИУМ“.
Ова е само прва песна од овој проект, а младата пејачка ни откри и како паднал изборот токму на неа.
„Морам да кажам дека не беше многу тешко затоа што ние немаме лоши песни, па заедно со Темелко се одлучивме токму оваа песна да биде прва, за да ја посветиме на сите кои го положиле животот за Македонија за нашите борци кои вечно ќе ги паметиме.“
Околу три месеци се подготвувал целиот проект – од снимање на песната до спотот, а дека финалниот производ е одличен, сведочат и скоро 150.000 прегледи, кои видеото ги има на Јутјуб.
Традиционална музика и игра е насоката која Јована ја има одбрано да ја учи, а љубовта кон народната изворна музика ѝ ја всадил нејзиниот татко.
„Со музиката сум уште од многу мала, поточно од мојата тригодишна возраст. Така гледајќи го мојот татко како пее и како со љубов ужива во неа, нешто ме натера и ми даде желба за да и јас почнам да се занимавам со нашата преубава македонска музика.“ – вели младата пејачка и додава дека токму од него го има наследено талентот за пеење.
„Како што кажав мојот талент за пеењето и музиката го имам наследено од мојот татко. Во семејството порано со музика се занимавале и дедо ми и тетка ми, но сега со музиката се занимаваат татко ми и мојата сестра.“
Како и секој млад човек, така и Јована има свое хоби, кое, исто така, е поврзано со нејзиниот животен правец – музиката.
„Немам многу слободно време, но кога ете ќе се најде секогаш гледам да го искористам максимално на работи кои понатаму ќе ми користат. Пеењето е мојата прва љубов, а како хоби можам да кажам дека ми е играњето народни ора.“
Добрата организација е клучот за успешна реализација на сите обврски – како училишни, така и оние професионалните.
„Јас сум одличен ученик, како што кажав немам многу време во денот и сметам дека не би ми биле доволни 24 часа за да си ги завршам сите обврски, доколку не си правам добра организација.“
Во иднина, поточно за 10 години, Јована се гледа на голема сцена, каде ќе се труди на вистински начин да ја пренесе македонската народна музика.
„Моите идни планови и плановите на Темелче сега во блиска иднина се да го реализираме концертот, кој здравје Боже се планира за 2024 година, а за 10 години морам да бидам искрена и да кажам дека се замислувам на големи сцени каде што ќе ја оживуваме и опејуваме нашата преубава музика која никој неможе да ни ја одземе, доколу самите си ја чуваме и негуваме.“
Како за крај, оваа пејачка со неверојатни вокални способности ни откри дека Новата година ќе ја дочека со своето семејство, а откри и како ги поминуваат и божиќните празници и дали имаат некоја посебна традиција, која ја негуваат низ годините.
„За божиќните празници обожавам да го поминувам времето со моето семејство и моите најмили, па така како традиција во нашето семејство е сите да се собереме на ручек и софрата да не се раскрене се до другиот ден. Исто така, кршиме леб со паричка.“
И. Мисајловска