МЛАДИТЕ - ПРИОРИТЕТ ДЕНЕС ЗА ПОДОБРО УТРЕ!

МЛАДИТЕ - ПРИОРИТЕТ ДЕНЕС ЗА ПОДОБРО УТРЕ!

Објавена во: После „Школо“ // PR

„Младите се нашата иднина“, е клише фраза што ја слушаме секојдневно. Но, младите се млади СЕГА и овде! Младите имаат потреба да бидат слушнати СЕГА! Младите имаат потреба од подобар стандард СЕГА! Само ако младите станат приоритет ДЕНЕС, можеме да се надеваме за подобро УТРЕ!

Денес е 12ти Август, Меѓународниот Ден на Младите, и веруваме дека многу институции ќе испратат честитки до младите. Но, не очекувајте дека младите ќе аплаудираат. Ним не им е потребно Вашето внимание само еден ден во годината. На младите им се потребни системски промени и суштинско вклучување во секој сегмент од општественото живеење. Само така, младите можат да ја вратат довербата во системот, да одлучат да го вложат својот потенцијал во нашата држава и да станат движечка сила во општеството.

Коалиција на младински организации СЕГА во изминатите 16 години активно се застапува за издигнување на младинските прашања повисоко на агендата како на државните институции, така и на донаторските и меѓународните организации. По 16 години работа може да се каже дека е постигнат извесен напредок по однос на тоа како младинските прашања и потреби се перцепирани во општеството и од страна на носителите на клучните државни политики, но и од самите млади луѓе. За поздравување се досегашните заложби за издигнување на младите како приоритет, но истите се спорадични, некоординирани и далеку од доволни.

Овој 12ти Август, младите им дадоа нова шанса на националните власти да покажат и докажат дека младите се нивен клучен приоритет!

Оттука, Коалиција на младински организации СЕГА во името на младите, преку 12 барања ги повикува пратениците во новиот состав на Собранието на Република Северна Македонија како и членовите на новата Влада да се заложат за:

1.  Подобрување на животниот стандард и квалитетот на живот на младите преку соодветни политики, мерки и интервенции!

2.  Вклучување на младинска перспектива во законската регулатива и активно вклучување на младите и младинските организации во унапредување на законодавството!

3.  Обезбедување на 0,3% од Буџетот до крајот на 2020 година, за спроведување на Законот за младинско учество и младински политики, и задолжителна примена на одредбите на овој Закон на локално и национално ниво!

4.  Креирање и усвојување на Законот за средно образование вклучувајќи ги одредбите за системско и суштинско учество на учениците во донесување на одлуки во училиштата, со соодветни буџетски импликации за негова практична примена!

5.  Унапредување и проширување на активните мерки за вработување на младите, како и зголемување на опфатот на млади и примена на Младинската Гаранција!

6.  Поттикнување и мотивирање на приватниот сектор за вработување на младите, особено на младите под социјален ризик, вклучително и младите Роми!

7.  Обезбедување на услови за пристојна плата, недискриминација и почитување на работничките права на младите!

8.  Обезбедување на квалитетен образовен процес за наредната 2020/21 учебна година, со целосна заштита на учениците од ширење на пандемијата, вклучувајќи долгорочна стратегија за справување со сите можни ризици!

9.  Оспособување на наставниот кадар но и опремување на образовните установи (училишта, факултети) со нагледни средства и техничка опрема кои одговараат на наставните програми!

10.  Унапредување на условите за домување преку зголемена поддршка за финансиска стабилност и осамостојување на младите, како и значително унапредување на студентскиот стандард!

11.  Подобрување на системот на примарна и секундарна здравствена заштита на младите, воведување на бесплатни здравствени услуги за млади и континуирано информирање на младите за здрави животни стилови!

12.  Континуирана и суштинска поддршка на младинските организации во спроведување на младински програми!

ДРАГИ МЛАДИ, НЕКА Е СРЕЌЕН ДЕНЕШНИОТ ПРАЗНИК!

Коалиција на младински организации СЕГА е национална мрежа на младински организации, со повеќе од 16 години искуство во лобирање за потребните законски промени за младинско учество, информирање, вработување и активизам. СЕГА работи  на развивање и примена на младински политики на локално и национално ниво, ги поврзува и јакне младинските организации со цел активирање на младите и подобрување на условите за нивен личен и професионален развој во Република Северна Македонија. 


Објавена во: После „Школо“ // PR

Можеби ќе ве интересира: