Момчиња и девојчиња: Вирус и љубов
„37.8 млада дамо. Денес нема одење на училиште, чаеви и супа да си загрееш“ - ѝ вели мама на Нина - „Бак ќе ти ги топли нозете...и така пола кревет ти го зафатил“.
Бак ги крева ушите кога се спомнува неговото име и веднаш потоа продолжува да дреме, откако се увери дека не се зборува за храна и некоја вкусна коска. Нина лежи во креветот со намуртено чело и си мрмори нешто во брадата.
„Мхмхмх, ама ти се погоди“ - од вратата се појавува само главата на Јован кој никако не влегува во собата за случајно да не се зарази. Не за друго, туку што ќе прават на училиште девојчињата без него.
Нина замавнува со перницата накај него и откако го промашува му вели на Бак: - „А да појдеш да ми ја земеш перницата сега? Мрзливо куче“ - му се обраќа на дремливиот Бак кој воопшто не се потресе од настанатата сцена.
„Глупав вирус, глупав кревет, сѐ е глупаво“ - со затворени очи си зборува Нина, а во раката ѝ заѕвонува мобилниот телефон.
„Болна, а? Епа не оди и викање на натрпевар и забава до доцна“ - се смее Теди од другата страна - „Оздрави поскороооооооооо“ - викаат Марија и Ина оттаму.
„Да ми се јавите после и да ми раскажете сѐ, ама баш сѐ“ - значајно им вели Нина.
„Да, да“ - се кикотат трите - „особено ќе те информираме за одредени особи од училишната кошаркарска екипа“.
„Шо бе брат, Нина болна е? Ми кажа Теди прееска“ - навидум незаинтересирано прашува Сергеј додека лакомо го загризува сендвичот на големиот одмор.
„Абе полека, ќе се задавиш“ - му вели Борјан додека тажно ја гледа својата ужина која се состои од едно јаболко и две бисквите.
„Зобај бисквитите и до полуматурата да си се направил тип-топ“ - со полна уста одговара Сергеј и прашално го гледа Јован, очекувајќи одговор.
„Мал вирус другари, нема место за паника. Плус женско е, а тие сѐ можат да преживеат“ - мудрува Јован додека ѝ намигнува на една соученичка која се зацрвенува како булка.
„Е да“ - вели Сергеј - „Ти на 37 едно 100 пати до сега ќе умреше“ - се кикоти.
„Дечки, дечки“ - се затрчува кон нив Ина - „Ај после часови да одиме да ја видиме Нина и да ја развеселиме малку“.
„Абе не јади ко животно“ - со гадење вели Теди додека го гледа Сергеј - „Да ја изненадиме пациентката“ - се смее, откако го турка Сергеј со лактот за да се прибере со сендвичот.
„Јас не влегувам во нејзината соба“ - процедува Јован и си ја мести косата со една рака, а со другата чепка по телефонот - „Цела соба сигурно е со бактерии“ - ги поткрева рамениците.
„Е да бе...и тебе те чекаат да се појавиш за да ти се нафрлат. Колку си самобендисан“ - го прекорува Марија.
„Ок ок, без расправии“ - крева раце Филип - „Одиме да ја видиме Нина, сега ќе ѝ нацртам нешто за да ја насмеам“ - веднаш го отвора блокот за цртање.
На Нина ѝ е здодевно. Додека задремува на кратко, ја слуша надворешната врата како се отвора и пригушени звуци на зборување. Наеднаш, вратата од нејзината соба ширум се отвора и како торпедо влегуваат сите. Нина срипува од креветот, а Бак пресреќен мафта со опашот додека се плетка низ нозете на Марија и Ина.
„Стануваааааааааааааај, ништо не ти е“ - вика Теди, а Филип и Борјан извикуваат: - „Нина, Нина“ - како да навиваат. Сергеј стои зад нив и со насмевка на лицето ја гледа, а од торбата вади сок и ѝ го подава.
„За да оздравиш поскоро“ - ја скубнува по косата, додека Нина ги менува сите нијанси на црвено во образите и толку е збунета што заборава и да се заблагодари.
Девојките одма седнуваат на нејзиниот кревет и почнуваат да ги раскажуваат најновите трачеви од училиштето, Филип остава еден цртеж на кој е нацртана Нина како лежи в кревет, а околу неа се сите присутни, облечени како доктори, а Јован не прави ниту чекор за да влезе во собата.
„Јовчееееееее, еве 3 бактерии како трчаат накај тебе“ - го задева Марија.
Јован се смее и ги вика другарите со него во дневната соба: - „Бегајте, овие и нас ќе нѐ оговараат“.
Сергеј уште стои на вратата и ја гледа Нина.
„Докторе, многу зјапаш во пациентот“ - вели Теди, а Сергеј налутено ја погледнува: - „Ќе видиш дома“ - се врти и заминува.
Нина воздивнува, додека срцето забрзано ѝ работи, а во рацете го стиска сокот од Сергеј.
-ПРОДОЛЖУВА-
Може да ве интересира:
Момчиња и девојчиња: Најважниот натпревар