МОН има 30 дена да најде системско решение за учењето од далечина: Народниот правобранител достави свое мислење во врска со настава

МОН има 30 дена да најде системско решение за учењето од далечина: Народниот правобранител достави свое мислење во врска со настава

Објавена во: Совети // School zone

Народниот правобранител на нашата држава, достави Мислење до министерот за образование и наука Арбер Адеми, во кое се осврнува на моменталната ситуација со образовниот процес. Тој смета дека образовните иституции не биле целосно подготвени за далечинско учење, особено на самиот почеток на кризата. Според него најпогодени од сево ова се учениците, особено оние во руралните средини, учениците од социјално загрозени семејства, како и учениците со попреченост.

„Народниот правобранител, следејќи ја состојбата со образованието на децата согледа дека за време на траењето на онлајн наставата (почнувајќи од средината на март, па се до крајот на учебната година) училиштата и наставниците не добија унифициран систем, издржана платформа преку која секојдневно ќе комуницираат со учениците и ќе ја реализираат наставата. Имено, кон крајот на март со појавувањето на платформата за далечинско учење Едуино се забележаа низа пропусти на самата платформа, првенствено поради тоа што повторно стануваше збор за еднонасочно предавање на материјалот преку кратки видеа подготвени од малкумина наставници-ентузијасти, при што многу теми се повторуваа, а истовремено одредени теми воопшто не беа обработени, па дури и недостигаа цели наставни предмети. Имајќи ги предвид реакциите и забелешките на родителите и учениците, прозилегува дека платформата Едуино не беше системско решение кое беше општоважечко и обврзувачко за секое училиште, односно за секој ученик.“ - посочуваат на почетокот на мислењето, кое го испратија до МОН.

Народниот правобранител исто така истакна дека и наставниците се соочиле со бројни предизвици за време на онлајн наставата, со тоа што дел од нив биле неподготвени, без соодветни ИТ компетенции и без соодветна поддршка. Решение за овој проблем гледа во добро осмислена платформа за учење со адекватно разработени наставни содржини од секој наставен предмет.

„Народниот правобранител истакнува дека за надминување на гореспоменатите проблеми потребно е изнаоѓање системски решенија од страна на Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието,  преку добро осмислена платформа за учење со адекватно разработени наставни содржини од секој наставен предмет, на сите наставни јазици и за секоја возраст на учениците, со дополнително разработени наставни содржини за учениците со попреченост. Понатаму, изнаоѓање соодветна методологија со давање конретни насоки за наставниците за објективно оценување и следење на напредокот на учениците. Обезбедување на потребната поддршка на семејствата во социјален ризик, акко во однос на неопходните технолошки средства и опрема за следење настава од далечина, така и нивно поддржување во стекнувањето и развојот на дигитални вештини со кои ќе можат да им помогнат на своите деца. Покрај наведеното, сметаме дека треба да се разгледа можноста за донесување на одлуки во врска со наставата во услови на далечинско учење со широка консултација на сите засегнати страни (ученици, родители, наставници) како и стручната јавност и граѓанските организации.“

Народниот правобранител посочи дека ова Мислење треба да биде разгледа од МОН, како и од органите што се во состав на Министерството, а за преземените мерки во рок од 30 дена да го известат Народниот правобранител.

За целосно да го погледнете мислењето на Народниот правобранител, кликнете ТУКА.


Објавена во: Совети // School zone

Можеби ќе ве интересира: