Музички времеплов: Се потсетуваме на „Свири ми брате цигане“ - песната во која Ферус ја придружува Росана
Ќе продолжи да живее низ неговата музика...
Вчера како бомба одекна веста за смртта на познатиот музичар Ферус Мустафов. Семејството, пријателите и колегите се простуваат од него. На почетокот на месецов внукот на Ферус за Женски магазин кажа дека состојбата на неговиот дедо е критична.
„Пред една недела доби мозочен удар, првите денови нормално функционираше, потоа го ставија на апарати“ - кажа тогаш внукот на музичарот.
Тој во својата долгогодишна кариера имаше безброј соработки, а како една од најуспешните ќе се издвои онаа со македонската пејачка Росана Сариќ Тодоровска. Станува збор за песната „Свири ми брате цигане“, зад чие создавање се крие многу интересна приказна.
Откако нејзината сестра-близначка замина во Австралија, оваа тема ѝ беше отскочна штица на Росана Сариќ Тодоровска која во тој период сериозно размислувала дали да се повлече од сцената. Комплетен автор е Тоде Новачевски, поранешниот сопруг на Маријана, а ја напишал две недели пред да замине во Мелбурн.
„Не случајно моите најуспешни песни се и најискрено искажување на моите лични чувства. Таква беше и „Свири ми брате Ферусе (Цигане)“ која ја напишав на салфетка во кафеаната „Теке“ на празникот Василица. Седев на маса заедно со сестрите, а пред нас свиреше Ферус“ – откри Новачевски во една прилика.
фото: Принтскрин / Јутјуб