Музиката сепак не е мртва: Македонските ѕвездички напорно работат и во пандемија
Пандемијата на коронавирус ги нападна луѓето од сите сфери на животот. Наставници, професори, актери, директори, обични работници, бизнисмени, спортисти... Едни од погодените се исто така и музичарите. Поради сите безбедносни мерки кои се донесоа со цел да се спречи ширењето на вирусот Ковид - 19, настапите, концертите и сѐ останто што е поврзано со музиката се сопре.
Иако навидум изгледа дека животот во областа на музика запре, тоа не е така. Многу изведувачи се посветија на создавање нова музика - како авторска, така и преработка на веќе добро песни. Од ова исклучок не се ниту младите ѕвездички кои ги има во навистина добар број во нашата држава, а кои исто така покажаа дека љубовта кон музиката им е посилна од сѐ.
Во продолжение погледнете ја листата која ви ја направивме, а во неа ви ги издвоивме вредните ѕвездички, кои дадоа свој доприност во подобрувањето на расположението на луѓето, како во нашата држава, така и во регионот.
# Антониа Гиговска
Пред самиот почеток на пандемија, што се рекло како да го фати последниот воз, младата пејачка Антониа Гиговска ја објави „Крива сум“. Оваа емотивна балада доби и српска верзија, а дефинитивно истата стана дел од плејлистите кај многумина.
Но, Антониа не мируваше и кога пандемијата беше во полн ек. Имено, таа одржа „онлјан“ концерт и неколку часа виртуелно ги забавуваше своите обожаватели.
Последен во низата музички проекти на Антониа за време на пандемијата беше каверот на безвременската „Кој да ми запее“, кој во оригинал го пее Каролина Гочева. Во овој кавер, Антониа се потруди да даде свој печат на оваа песна.
# Мина Блажев
И оваа млада музичка надеж за време на пандемијата не ја заборави музиката. Често можевме да ги слушнеме каверите кои таа ги споделуваше на социјалните мрежи. Имено, Мина најпрво ги освои сите со одличната изведба на „Како после нас“ од Саша Ковачевиќ, а потоа и со „Да је туга снијег“ од Дино Мерлин, за сето ова да го заокружи со емотивната изведба на „Ноктурно“ од Оливер Драгојевиќ.
# Лина Пејовска и Таско
Младата и атрактивна пејачка Лина, за време на пандемијата се одлучи да го објави дуетот со Таско. Овие двајца млади изведувачи беа вистинско освежување во времето кога сите се интересираа само за бројките на заболени, а дека ова сознание е точно сведочи и бројот на прегледи кои го имаат на Јутјуб за нивнатата „Неваљала“.
# Мартија Станојковиќ
Неколку настапи во текот на летото (кога олабавија мерките) беа доволни за Мартија да се распее и да сфати дека е време за нешто ново. Имено, таа на Инстаграм беше навистина активна во текот на целата пандемија и се трудите навистина да ги анимира своите обожаватели, а сега конечно откри дека подготвува нешто ново. Имено, таа деновиве е во студиото на Дарко Димитров каде што работи на нова музика, за која не се сомневаме дека ќе биде одлична.