На бројот што го имал на раката се јавиле негови роднини: Што се случи со 11-годишното момче од Украина кое само стигна до границата на Словачка?
За време на викендот во медиумите ширум светот се пишуваше приказната за 11-годишното момче од Украина кое само патувало повеќе од 1.100 километри до Словачка, носејќи само пластична ќеса, пасош и телефонски број испишан на раката. Сега се огласи и неговата мајка, која кажа дека ѝ олеснало што момчето избегало од бомбите.
Јулија Писетскаја кажала дека својот син од очај го ставил во воз за Словачка од Запорожје, во близина на нуклеарната централа која била под напад минатата недела.
Јулија не можела да тргне со својот син од југоисточна Украина, бидејќи не се чувствувала добро и морала да се грижи за својата мајка, која е инвалид.
Момчето, кое не е именувано, само стигнало до границата со Словачка, кажа полицијата и го нарече „херој“. За него по доаѓањето се грижела граничката контрола на Словачка, пренесува „Гардијан“.
На својата рака имал напишан телефонски број на роднина од Братислава. Властите успеале да стапат во контакт со нив и сега тие се грижат за момчето.
„Многу сум благодарна што му го спасија животот на моето дете. Во вашата мала земја постојат луѓе со големи срца“ - кажа во видео пораката која ја објавила на Фејсбук во неделата.
Јулија истакна дека е вдовица и дека има уште деца.
„Сакам да ѝ се заблагодарам на царинарниците и волонтерите од Словачка кои му помогнаа на мојот син да ја премине границата. Покрај нашиот град има нуклеарна централа околу која се води борба. Не можев да ја оставам мајка ми, не може сама да се движи“ - додаде таа.
Министерството за внатрешни работи на Словачка напиша на Фејсбук дека момчето ги „освои срцата на сите со својата насмевка, бестрашност и одлучност, достојни за вистински херој“.
Додаделе дека му дозволиле да се згрее и дека му обезбедиле храна и пијалок.
„Благодарение на бројот кој го имал на раката и парче хартија, успеал да ги контактира своите најмили, кои подоцна дојдоа по него и целата приказна добро се заврши“ - додадоа властите.
Потпаролот на полиција Денис Бардјов за AFP кажа дека момчето дошло само од Запорожје, бидејќи неговите родители морале да останат во Украина.
фото: Фејсбук