„На полпат: (критика или молк)“ е збирка со книжевни осврти на Оливера Ќорвезироска кон современите домашни и регионални изданија

„На полпат: (критика или молк)“ е збирка со книжевни осврти на Оливера Ќорвезироска кон современите домашни и регионални изданија

Објавена во: После „Школо“ // PR

Критички текстови кон 44 значајни изданија од современи македонски и регионални автори се собрани во новата збирка со книжевни осврти „На полпат: (критика или молк)“ од писателката Оливера Ќорвезироска. Книгата, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, содржи рецензии и колумни пишувани во периодот од 2016 година до денес. Книгата е поделена на три дела, со осврти кон актуелни домашни, балкански и интернационални изданија.

„Книжевната критика е неодминлив дел од творечкиот опус на Оливера Ќорвезироска. Нејзиното критичко око е вперено најчесто кон современата македонска продукција, но и кон регионалната и поретко – светската книжевност во од. Критичкиот механизам на Ќорвезироска функционира како преса со која се притиска, се цеди и се гмечи секој новопојавен текст што сè уште мириса на печатарско рулче. А, пак, за да функционира беспрекорно оваа комплексна машина, подмачкана е со сета ерудиција, наобразба и писателско искуство на авторката“, вели Бисера Бендевска, уредничката на изданието.

Во „На полпат: (критика или молк)“ можат да се прочитаат рецензиите на Ќорвезироска за победниците на престижната награда „Роман на годината“: „Скриени желби, немирни патувања“ од Владимир Јанковски, „Песот со тажен поглед“ на Оливера Николова, „Некој бил тука“ од Николина Андова-Шопова, како и кон добитникот на наградата „Стале Попов“ - романот „Маџун“ од Влада Урошевиќ и „Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков кој ја освои наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман.

Во книгата се застапени и критички осврти кон изданијата од повеќе значајни домашни автор од новата генерација: Румена Бужаровска, Калина Малеска, Елизабета Баковска, Лидија Димковска, Владимир Мартиновски, Петар Андоновски, Давор Стојановски, Владимир Лукаш, Сашо Кокаланов, Ивана Трајановска, Игор Стојановски, Ирена Јорданова, Ана Стојаноска, Драгица Најчевска, Игор Анѓелков, Јосип Коцев, Јовица Ивановски, како и од професорот Зоран Анчевски.
Во збирката се вклучени и погледите на писателката-критичар кон расказот „Последното оро на Кузета Кузмана“ од Петре М. Андреевски и расказот „Летна луња“ од Влада Урошевиќ. Во книгата има и колумни на повеќе значајни теми: за антологијата на нашите омилени песни од европски поетеси, зошто сите пишуваме кратка проза... па сѐ до „Како Тања Аждаја го победи Фејсбук“.
Во изданието се (ре)објавени и рецензиите за книги од дел од најпочитуваните регионални автори: Миљенко Јерговиќ, Дарко Цвјетиќ, Лана Басташиќ, Дамир Каракаш, Кристијан Новак, Огнен Спахиќ, Стефан Тиќми, Александра Јовановиќ и Владимир Зарев.

„Во ова изместено време на многу писатели и малку читатели, реткост е да се најде некој што посветено чита и пишува книжевна критика. Уште поретко е да се најде писател што чита и што пишува книжевна критика. Од ова, уште поретко е да се најде добар писател што чита и што пишува книжевна критика. А, најретко од сè е да се најде добар писател што чита и што пишува добра книжевна критика, а токму тоа е она што се споило во оваа книга“, вели писателката Елизабета Баковска во својот осврт кон книгата.

Оливера Ќорвезироска (1965) е родена во Куманово. Основно и средно образование завршила во родниот град, а Филолошки факултет во Скопје, каде што живее и работи.
Автор е на следниве книги: „Трети кат“ и „Високите бели“ (поезија), „Кифличката Мирна“ и „Мојот брат од тринаесеттиот кат“ (романи за деца); „Дедо Миле“ (сликовница), „Отвораат ли сништата работа“ и „Еден Текст и една жена“ (критика и есеистика), „Заклученото тело на Лу“ и „Аб’т“ (романи за возрасни), „Страдањата на младиот лектор“, „(С)плетени раскази“, „Две перници“, „(Со)шиени раскази“, „Новелички без шеќер“, „Улиците што ги нема“ и „Престапни години“ (раскази за возрасни).
Застапена е во дваесетина антологии на современиот македонски расказ, објавени дома и во странство. Нејзините раскази се преведувани на англиски, француски, унгарски, албански, чешки, српски, бугарски, словенечки, полски, руски, германски и грчки јазик.
Повеќекратен добитник е на значајни награди за расказ во Македонија, а за „(С)плетени раскази“ во 2003 година ја има добиено наградата за најдобра проза на Друштвото на писателите на Македонија, „Стале Попов“. Член е на ДПМ и на Македонскиот ПЕН-центар.

Книгата „На полпат: (критика или молк)“ е достапна во сите книжарници „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk

* ПР - објава

Објавена во: После „Школо“ // PR

Можеби ќе ве интересира: