На само 10 години: Јана Јованова во Русија ја доби наградата ЛАУРЕАТ, но и официјална покана за настап во престижната „Карнеги Хол“ во Њујорк
Се сеќавате ли на младата и талентирана пијанистка Јана Јованова од Радовиш со која ве запознавме неодамна. Во интервјуто за Хаштаг таа откри дека со пијаното другарува уште од мали нозе о дела љубовта кон музиката и ја има пренесено нејзиниот татко, додека талентот го има откриено нејзината тетка.
Јана, иако е толку мала, зад себе има многу награди и признанија на кои е особено горда. Дека е незапирлива, говорат и најновите вести кои пристигнаа од Русија. Имено, таа се вброи помеѓу победниците на големиот интернационален натпревар „Международный онлайн конкурс классической музыки - VIVA-MUSIC ALL WORLD“.
„Се запознавме на едно интервју, пред извесно време и споделивме убави приказни. Ви ја кажав и мојата желба, дека еден ден би сакала да свирам на познати музички сцени во големите светски центри. Продолжувам со моето учество на натпреварите по пијано, но поради светската пандемија, тоа се случува онлајн. Многу е поразлично чувството, затоа што не си на сцена, туку пред камера. Ова е прв пат како учествувам на натпревар во руска организација, а оддамна ми е предизвик. Чекаме резултати повеќе денови....“ - вели младата Јана.
Како конечна оценка на натпреварот Јана се здоби со награда ЛАУРЕАТ со што доби сертификат и официјална покана за настап на концертот "Global Artists Debut Concert" кој што треба да се одржи во месец јуни следната 2021 година во престижната „Карнеги Хол“ во Њујорк (Carnegie Hall, New York).
„Кога официјално беше соопштено дека добивам награда за лауреат, бев пресреќна, а уште повеќе изненадена, дека покрај високото оценување и позитивните коментари од страна на членовите од жирито, добивам и сертификат со официјална покана за настап на концертот "Global Artists Debut Concert" кој што треба да се одржи во месец јуни следната 2021 година во престижната „Карнеги Хол“ во Њујорк (Carnegie Hall, New York). Си помислив, почнува да ми се остварува мојата желба!“ - некриејќи ја возбудата со нас сподели Јана.
Поради пандемијата која го сопре животот ширум светот, овој натпревал се организираше онлајн. На официјална веб страница на натпреварот беа поставени видеата од натпреварувачите, кои потоа беа објавени на Фејсбук. Оценките, коментарите, препораките за секој музичар, жири - комисијата ги презентираше на транспарентен начин, со цел сите да имаат увид во одлуката за наградите.
Во продолжение се само дел од коментарите на жири-комисијата составена од врвни музичари, педагози и заслужни уметници на Русија и САД.
„Девојката многу ми се допадна. Компетентно и со вкус, вистински детален музичар. Девојка со добро упатени прсти... Природно музички...“
„Младата изведувачка е само на почетокот на нејзината креативна кариера, но ова претставување укажува на тоа дека девојчето има голем креативен потенцијал.“
„Јана музицира прекрасно, совршено го создава расположението, ја менува хармонијата многу експресивно...“
„Јана се откриваше музички, очигледно на девојчето му се допаѓа оваа музика. Добро сторено!“
„Честитки! Јана е многу музикална девојка, ми се допадна настапот...“