Во Србија доби ЛАУРАТ, а во Лос Анџелес се пласираше во финале: 10 – годишната пијанистка од Радовиш го освојува светот
Има една поговорка која вели „Во Босна немој да пееш – ќе те натпеат, во Србија немој да играш – ќе те надиграат, а во Македонија немој ниту да пееш, ниту да играш – ќе бидеш надигран и натпеан“, а ова најдобро го потврдуваат младите и талентирани деца, кои растат во нашата држава.
Едно такво талентирано дете е десетгодишната Јана Јованова од Радовиш. Таа учи во ООУ „Крсте П. Мисирков“ и во Освновното Музичко Училиште, при ООУ „Никола Карев“, каде го изучува пијаното како инструмент. За нејзиниот талент говорат многуте признанија кои ги има добиено како во Македонија, така и низ цела Европа.
Последна во низата награди е онаа која ја освои на Меѓународниот натпревар по пијано, кој е во српска организација. Секако, поради пандемијата на коронавирус истиот се одржа онлајн, а Јана го освои високото прво место.
# Кога за првпат седна пред пијано?
Со пијаното „си играм“ уште како мала, но за првпат вистински почнав да изучувам свирење на пијано по ноти кога имав 7 години.
# Кој ти ја пренесе љубовта кон музиката?
Во моето семејство се сака и негува музиката. Татко ми е музичар и дома имаме најразлични инструменти, па честопати низ игра, си пееме и свириме.
# Кој го препозна твојот талент?
Дека имам некаков талент, нормално најпрво приметија моите родители. Што се однесува до музиката и свирењето пијано, можам да кажам дека најзаслужна е мојата тетка Андријана, која беше мојот наставник по пијано во претходните години.
# Имаш учествувано на многу натпревари и освојувано многу награди. Која награда ти е омилена?
Секое учество на натпревар е ново доживување и искуство. Сите награди ми се омилени на посебен начин. Покрај настапите во нашата држава, сум настапувала на меѓународни натпревари во Милано, Венеција, Берлин, Париз, Виена, а бев пласирана и во финале на пијано натпревар во Лос Анџелес. Сепак, би издвоила дека една од најомилените награди ми е кога бев прогласена за ЛАУРЕАТ на меѓународен натпревар во Србија и се закитив со пехар, златен медал и диплома. Прекрасно е чувството кога ќе го добиеш тоа што од мал си го сонувал.
# Каква музика најмногу сакаш да свириш? Имаш ли некоја омилена композиција за исполнување?
Сеуште сум многу мала и затоа истражувам и се запознавам со различни музички стилови, но можам да кажам дека повеќе ги сакам композициите со побрзи темпа кои во себе содржат различни варијации. Од композициите што сум ги свирела, секогаш со радост се присетувам на „Le petit âne blanc“ од францускиот композитор Jacques Ibert, со која настапив на натпревар во Париз.
# Како се снајде за време на пандемијата, кога целиот образовен процес се одржуваше од дома? Трпеа ли твоите часови по пијано?
За време на пандемијата, заедно со моето семејство, речиси цело време бевме дома. Моите родители се наставници и сите заеднички го организиравме времето за учење, свирење, забава и одмор. Бидејќи дома имам пијано, продолжив да вежбам заедно со мојот татко. Во тој период успеав да се подготвам и пријавам на меѓународен натпревар во српска организација, кој се одржа онлајн каде освоив прва награда.
# Дали си размислувала за некоја друга професија во иднина?
Уметник сум по душа, покрај свирење пијано, посетувам часови и по модерен балет, а во моето слободно време уживам да цртам и изработувам најразлични изработки од хартија.
# Каде се гледаш за 10 години?
Би сакала да настапувам на познати сцени во најатрактивните градови низ целиот свет.
Ивана Мисајловска
Може да ве интересира:
# Пијанистките Мазнејкови со 194 настапи: Им се насмевнува светска слава