Не ја разбираат мојата љубов кон балетот: 13 годишната Афродита од Поточиња до штиците што живот значат

Не ја разбираат мојата љубов кон балетот: 13 годишната Афродита од Поточиња до штиците што живот значат

Објавена во: Интервјуа, Таленти

Афродита Силјановска е ученичка во ООУ „Владо Тасевска“. Сега е 8 - мо одделение и на 13 години е одлучна која ќе биде нејзина идна професија. Веќе 5 години успешно се занимава со балет. Зад себе има многу награди и признанија на сметка на нејзиниот талент, но исто така неодамна доби и пофалницата од Општина Карпош за стипендија за талентирани ученици. За Хаштаг октрива кој е нејзин идол, но и кој е нејзина најголема поддршка.

# Твоето хоби, па и повеќе од тоа е балетот. На колку години одлучи да се занимаваш со оваа професија?

Со балет почнав да се занимавам од 8 години. Најпрво се запишав во балетското студио Арт-Балет, а после 2 години почнав со посетување на настава во нижото балетско школо „Илија Николовски - Луј“. Моментално посетувам настава и на двете места.

# Дали на балетот гледаш како на хоби или како на идна професија?

Балетот го сакам многу и би сакала тоа да ми биде професија. Давам сѐ од себе да си ја исполнам својата најголема желба и да станам балерина.

# Кој ти ја пренесе љубовта кон оваа уметност?

На тоа не се сеќавам, но по кажување на моите родители желбата ми се појавила гледајќи цртан филм за балерина. Отсекогаш ја сакав музиката и бев вклучена и во детскиот фестивал „Поточиња“ каде имавме часови по танц, кои да бидам искрена ми беа поинтересни од пеењето.

# Како која позната балерина сакаш да бидеш кога ќе пораснеш? 

Моментално мој идол е Мими Поп Алексова.  Редовно ја следам на балетските претстави како „Кармен“, „Клеопатра“, „Ана Каренина“ итн. Тоа што најмногу ми се допаѓа кај неа е нејзиниот став, глума и изглед.

# Од кој ја добиваш најголемата поддршката?

Најголема поддршка добивам од моите родители. Тие секојдневно се ангажирани околу моите балетски часови и настани. Исто така едни од најзаслужните и највлијателните се и моите наставнички по балет.

# Во училиште си исто така одлична, како и на она другото поле. Како успеваш да ги завршиш сите обврски?

Во школо сум секогаш прва смена, кога се враќам веднаш пишувам домашна и учам. После редовните школски обврски имам секојдневни часови по балет во нижото балетско школо, а во одредени денови после овие часови следат часовите во приватното балетско студио Арт- Балет. 

# Дали некогаш поради ангажманите со балетот, во училиште знаат да ти попуштат или пак да те спасат од некои испрашување или тест?

До сега ретко се случувало да имам потреба да отсуствувам од школо. Најчесто натпреварите, настапите и претставите се во викенд така што немам потреба од вакви отстапки.

# Имаш добиено многу награди и признанија, а последна во низата е и пофалницата од Општина Карпош за стипендија за талентирани ученици. Која награда би ја издвоила како омилена?

Не можам да одвојам која диплома ми е најдрага, ама еве последниот натпревар во МОБ „Stage Championship“ ми остави голем впечаток и убави спомени.

# Доколку не би се занимавала со балетот, која е твојата втора опција во животот?

Моментално сум фокусирана само на балет и не сум размислувала за втора опција. Од работите кои ми се интересни и ме привлекуваат се и видео монтажи и дизајн на фотографии.

# Колку твоите другарчиња те поддржуваат во сево ова и дали понекогаш ти се љубоморни?

До сега сум немала конфликтни ситуации и добро стојам со сите мои другарки и другари. Не секогаш ми ја разбираат мојата љубов кон балетот, но веројатно е тоа дека секој гледа на свој начин и ги следи своите желби.

# Каде се гледаш за 10 години?

Се гледам на сцена како успешна балерина. Секојдневно се трудам и напорно работам на исполнување на овој мој најголем сон.


Ивана Мисајловска

Објавена во: Интервјуа, Таленти

Можеби ќе ве интересира: