Новогодишната ноќ ќе ја поминеме работно, но за Божиќ целото семејство ќе се собере: Новогодишно интервју со Иван Кукиќ - момчето кое го освои регионот

Новогодишната ноќ ќе ја поминеме работно, но за Божиќ целото семејство ќе се собере: Новогодишно интервју со Иван Кукиќ - момчето кое го освои регионот

Објавена во: Stars // Интервјуа

Младиот музичар Иван Кукиќ е еден од оние музичари кои се добро познати и во регионот. Иако потекнува од музичко семејство и неговите родители, Ленче и Горан Кукуќ се добро познати како во Македонија, така и во соседството, за својот успех е заслужен неговиот талент и одличното музицирање.

Неодамна потпиша договор со познатата продукциска куќа „Croatia Records“, а за Хаштаг откри колку ова го прави среќен.

„Во денешно време е многу тешко да се излезе на крај со музиката што најмногу се пласира на пазарот, искрено сум пресреќен што имам прилика да бидам дел од „Croatia Records“ и тоа е голема предност. Секој музички материјал што ќе биде објавен ќе биде презентиран пред голем аудиториум.“

Оттука се поставува и прашањето дали музиката што ќе ја создава ќе биде насочена на македонскиот музички пазар или за регионалниот, на што Иван посочи дека ќе се води по чувствувата.

„Мислам дека треба секогаш да нѐ водат чувствата и да не правиме ништо со некоја посебна намера. Едноставно јас би се препуштил на музиката да ме води по нејзиниот пат.“

Иако започна сопствена кариера, соработката со маестро Влатко Стефановски, со кој настапува веќе неколку години, секогаш ќе му биде приоритет.

„Соработката со маестро Влатко Стефановски ми е секогаш приоритет, нормално дека продолжуваме да настапуваме заедно, а за сѐ друго во слободното време размислувам што и како би правел.“

Пред самито крај на годината, ни откри и кои му се плановите за 2023 година, секако кога е музиката во прашање.

„За следната година го спремам мојот прв соло албум за „Croatia Records“. Публиката ќе може да ужива во една интересна звучна слика каде што бас гитарата ќе биде најмногу застапена како солистички инструмент. Исто така ќе бидат застапени и вокални композиции, а дел од магијата ќе ја препуштам на маестралните гости на албумот што оставиле многу за музичкиот свет.“

Најголема поддршка на професионалното поле, добива од неговите родители, кои воедно и најдобро го разбираат.

„Од моите родители ја добивам најголемата поддршка. Никој не би можел да ме разбере повеќе од нив во врска со работата. Опкружени со музика, се дополнуваме за било што, секој си ја гледа својата работа и сѐ си функционира без никаков проблем.“

Додека зборуваше за поддршката која ја добива од родителите, Иван ни раскажа и како се празнуваат новогодишните и божиќните празници во нивното семејство.

„Новогодишната ноќ секогаш била работна за моите родители, па и за мене во последните години. А, за Божиќ сме секогаш собрани цело семејство и има интересен момент дека после Бадниковата вечера традиционално се приклучуваме на црквениот хор во Струмица и се исполнува целосно магијата на празниците.“

Во Новата година си посакува само здравје и убави моменти, а дека е задоволен од оваа што поминува, говори и фактот што не сака ништо да заборави.

„Секоја година со своите позитивни и негативни моменти. Немам ништо посебно што би сакал да добијам, а нешто да заборавам. Посакувам само здравје и убави моменти, а сѐ друго ќе си дојде на свое.“

Како што напомена, 2023 година ќе ја дочека работно, во родната Струмица.

„Новата година ќе ја дочекам во Record Pub во Струмица со една прекрасна екипа што цело време се дружиме и сум сигурен дека ќе биде ноќ за паметење.“

За крај, Иван до сите вас, ја испрати својата новогодишна честитка.

„На сите им посакувам добро здравје, љубов во големи количини, позитивни мисли и стремеж кон подобро утре.“

И. Мисајловска

Објавена во: Stars // Интервјуа

Можеби ќе ве интересира: