Обединување на актерската екипа за 20-годишнината на „Хари Потер“: Ема Вотсон со емотивна објава ги разнежни обожавателите
Даниел Редклиф, Ема Вотсон и Руперт Гринт се меѓу оние кои повторно ќе се обединат за 20-годишнината на „Хари Потер“. Англиските актери заедно се немаат појавено во јавноста од последната премиера на франшизата „Harry Potter And The Deathly Hallows Part 2“, во јули 2011 година. На ова трио ќе им се придружи и режисерот Крис Колумбус, кој го режираше оригиналниот блокбастер на франшизата „Harry Potter And The Sorcerer's Stone“, за да го прослави филмот кој премиерно беше прикажан пред 20 години, на 16 ноември 2001 година.
Актерите од сите осум филмови за „Хари Потер“ повторно ќе се обединат за ретроспективниот специјал кој премиерно ќе биде прикажан на платформата „Warner Media“ на 1 јануари 2022 година. Проектот ќе ја раскаже волшебната приказна преку сосема нови, длабински интервјуа и разговори со актерите, наведува HBO Max.
Ема Вотсон, која глумеше еден од омилените ликови во сите осум филмови, ги размрда своите следбеници во вторникот, на 16 ноември. Имено, актерката на Инстаграм објави емотивна почест за работата во филмската франшиза со цел да ја одбележи 20 - годишнината на филмот „Harry Potter And The Sorcerer's Stone“. Да, помина две децении откако првиот дел пристигна во кината.
„Хари Потер беше мој дом, мое семејство, мој свет, а Хермиона (и понатаму е) мој омилен измислен лик на сите времиња“ - ја започна својата порака. Исто така, младата англиска актерка се осврна на својата посебна врска со актерската екипа, истакнувајќи: „Горда сум на тоа што бевме љубезни едни кон други, што се поддржувавме едни со други и што заедно изнесовме нешто значајно.“