Образовниот систем во Македонија само ја отсликува тажната политичка реалност: Тања Русмир за иднината на младите во нашата држава
Пред неколку дена се одржа ораторската вечер во СЕПУГС „Васил Антевски – Дрен“, на која осум ученици од училишниот клуб на оратори „Гарда на мудроста“ ги презентираа своите говори. Само тројца од нив добија една од наградата, а останатите си заминаа дома побогати за едно искуство и со желба за следната година да бидат помеѓу наградените.
Во продолжение ќе имате можност да го прочитате второнаградениот говор на Тања Русмир, ученичка во трета година од економски смер.
Во продолжение ви го пренесуваме целиот второнаграден говор:
„Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар помеѓу народите“, одамна рекол славниот македонски револуционер Гоце Делчев - човекот што ги пленел луѓето со својата храброст, борбеност, истрајност и пожртвуваност. Човекот кој што ја пролеал и својата последна капка крв за ова мало парче земја, притоа оставајќи им го на своите потомци да водат културен натпревар на него. А, што ние подразбираме под водење културен натпревар? Мислиме ли на загарантираното човеково право на слобода на изразување? Или пак мислиме на водење културен натпревар во полето на образованието во кое младите луѓе ќе се збогатат со знаење, натпреварувајќи се кој од нив знае повеќе за одредена област. Тука ќе застанам. Не грижете се. Ниту првото, а ниту второто мислење не претставуваат „културен натпревар“, барем не во нашата држава, ако воопшто можеме да ја наречеме така. Територија - поделена, име - променето, млади - иселени, а плати? - токму колку сметките кои не престануваат да стигнуваат. А, за да биде потрагично, нивните износи не престануваат да растат се повеќе и повеќе. Но, да не заборавиме, платите пораснаа, но дали пораснаа доволно за да го следат растот на инфлацијата?
Пред некој ден од мајка ми зедов 200 денари, за кои знаев дека мене ми се последни, но и нејзе, бидејќи само толку имаше во моментот. Тоа е паричникот на жената која е дипломиран социјален работник, паричникот на студентот со добиени безброј награди. Но, за да работиш како социјален работник, оваа држава тебе ти бара еден клуч за да ја можеш да ја отклучиш бравата на вработувањето. А, знаете кој е клучот за таа брава? Секако дека партиската книшка. Државата тебе те условува да бидеш партиски определен доколку сакаш да бидеш хуман, да помагаш и да бидеш потпора на некој немоќен за да може да продолжи понатаму. Неминовен факт е дека образованието во државава е во криза. Образовниот систем во Македонија само ја отсликува тажната политичка реалност. Повеќе од јасно е дека образованието во државата наместо напредок, има назадување. Бадијала се сите однапред осмислени политички говори создадени од лажни вести и лажни ветувања и потоа презентирани на јавноста на малите екрани. Нивната цел е само залажување на народот и ништо повеќе. Но, никој од нас не е виновен што парите го завземаат првото место во општеството, ама неопходно за нас е да се бориме да преживееме, во нашиот случај, за тоа се борат нашите родители. Се борат за минималните 18.000 денари кои откога ќе ги заработат месечно следуваат безпомошните зборови: „Што попрво?“. Дојде време во кое факултетската диплома секој може да си ја дозволи. Одеднаш сите станаа академски граѓани. Оттука произлегува и прашањето, како за едни таа диплома може да има толкава вредност па да може дури и да се вработат со истата, а пак за други не вреди ни трошка, им стои само како украс и ги боли секој пат кога и да ја погледнат? Аа, да. Не смеам да заборавам дека првите го имаат клучот за бравата на вработувањето, а вторите го немаат.
Меѓутоа, на крајот од денот јас сум само дете. Дете што си ги сака родителите и сака да биде среќно во сопствената држава заедно со нив. Не сакам мојата мајка да се враќа премногу уморна од работа и да нема време за себеси и своето семејство. Посакувам татко ми да е дома за Бадник. Ова е вистина која што боли и уште еднаш докажува дека ние, народот, сме изиграни во секоја страница од оваа книга наречена живот.
Ама сепак, детето брзо ќе порасне и ќе се најде во кожата на родителот. Но, не би сакала мојата иднина да биде сегашноста на моите родители. Јас не се срамам од моите родители, туку се срамам од условите за образование и работа кои што ги нуди токму оваа држава. Се срамам од плитките умови на оваа нација кои мислат дека ова што се случува секојдневно е добро и дека се се решава со молк на народот кој го трпи сево ова. Како народ кој нема свој став за речиси ништо, секогаш велиме дека може да биде и полошо, дека на други им е потешко, но никогаш не признаваме дека тие други сме ние. Времето на народот е сега, затоа што кога трпението ќе згасне, ќе згасне и молкот. А, кога ќе згасне молкот, започнува испукувањето на искрените мислења од устите кои досега молчеле со страв. Јас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствата на своите синови - изроди како македонскиот. Вечен ти спомен Гоце. И би те прашала: Кога ти беше потешко, кога не гледаше во твое време поробени ама обединети или денес, ослободени ама разединети?
фото: клуб на оратори „Гарда на мудроста“Може да ве интересира: