Од кафе муабет до создавање на празнична магија: Мила, Жаклина, Ема и Марија за новогодишната иницијатива „Hope Givers“
Новогодишните и божиќните празници се наближуваат, а ова е период од годината кога сите помалку или повеќе веруваме во магија. Една таква магија создаваат и Мила Басаровска, Жаклина Трајановска, Ема Стојановска и Марија Аврамовска, студентки од Правниот факултет, кои веќе трета година по ред ќе се потрудат на неколку најранливи семејства да им ги разубават празниците.
Под името „Hope Givers“ овие студентки и оваа година ќе измамат насмевки на лицата на најмладите, а воедно и надеж за подобро утре на нивните родители. До оваа идеја дошле на еден обичен кафе муабет, за денес уште посериозно да навлезат и да се трудат да израдуваат што е можно повеќе семејства.
„ Пред две години на еден обичен кафе муабет дојдовме до една интересна идеја,во текот на новогодишните празници да направиме неколку пакетчиња и да ги поделиме низ улиците на Скопје.Среќата и насмевките кои ги видовме на лицата на дечињата и моментот на колку малку треба да се подаде рака за да се донесе радост на нивните лица не мотивираше максимално да се вложиме и што е можно повеќе да придонесеме наредната година.“ – посочија овие девојки, а потоа ни открија колку е тешко да се реализира, поточно започне една ваква иницијатива.
„ Искрено според нас да се започне ваква иницијатива воопшто не е тешко, сѐ додека човек има желба и волја да направи некаква промена. Позитивно сме изненадени од бројот на луѓе и сите компании кои учествуваа во нашата акција и несебично придонесоа за радост во семејствата и домовите кои ги посетивме. И би сакале да ја искористиме оваа прилика да се заблагодариме на сите оние коишто во овие три години несебично ни помогнаа да ја оствариме нашата цел.“
Како што внесуваме новини во секојдневниот живот и секојдневно се трудиме да воведеме некоја промена која ќе ни го подобри начинот на живот, така и тие оваа година се насочени кон тоа да воведат некоја новина во нивната иницијатива.
„ Оваа година по трет пат ја организираме нашата хуманитарна акција и се трудиме секоја година да воведеме некоја новина со која би можеле на што повеќе семејства да помогнеме. Како што веќе споменавме, навистина сме позитивно изненадени од бројот на луѓе кои сакаат да се вклучат, да помогнат, да донираат, секој колку може бидејќи навистина доколку секој сподели по малку од тоа што го има, можеме да го направиме ова наше општество поубаво место за живеење.“
Очекувањата за овогодишната акција им се големи, со оглед на тоа што минатите две акции ги оценија како успешни.
„ Навистина можеме да кажеме дека минатите две акции беа навистина успешни и голем број на луѓе се приклучија. Свесни сме од моменталната ситуација и колку сите нас како општество не погоди целата пандемија, меѓутоа сме позитивни и веруваме дека сѐ уште постојат добри луѓе кои ќе одвојат барем малку и ќе споделат со оние на кои им е сето ова и повеќе од потребно. “
Кога е во прашање измамувањето на насмевки и среќа на лицата на децата, Мила, Жаклина, Ема и Марија ни открија по кој принцип ги одбираат семејствата и дечињата кои ќе ги усреќат.
„ Секоја година се трудиме да усреќиме што е можно повеќе дечиња. Најпрво ги посетуваме домовите за деца во Скопје, како и социјално загрозени семејства кои ни ги испраќаат или пак наидуваме на нив на социјалните мрежи преку апели за помош. Но, не ги забораваме ниту оние дечиња кои не по своја вина се оставени без покрив над глава, па затоа одреден број на пакетчиња секако делиме и низ улиците на Град Скопје. Исто така, оваа година за разлика од претходните, наидовме на поддршка од неколку ресторани кои се понудија да подготват топол оброк за овие луѓе.“
Тоа што веќе три години се трудат да усреќат што е можно повеќе семејства е одличен доказ дека оваа иницијатива ги прави среќни и нив.
„ Па, најсреќни не прават моментите на радост и среќа на дечињата кога ќе добијат новогодишно пакетче. Некои од нив никогаш досега не добиле новогодишно пакетче, не се радувале на новогодишните празници како поголемиот дел од нас. Од друга страна, олеснувањето на родителите на кои ги делиме пакетите со храна и облека кои барем одреден период нема да имаат грижи дали ќе можат на своите деца да им овозможат барем еден оброк во денот. Навистина голем број на семејства во нашата држава живеат суров и тажен живот и доколку на момент можеме таа сурова реалност да ја промениме нашите срца се исполнети.“
Доколку и вие сакате да бидете дел од новогодишната акцијана младите девојки и доколку имате можност да допринесете во создавањето на празнична магија, без никаков проблем може да се приклучите кон истата до 10 декември.
„ Сите оние кои се заинтересирани да се вклучат во нашата хуманитарна акција може да не исконтактираат на нашата инстаграм страна hope.givers_ или на нашата е-маил адреса yourhhelpsos@gmail.com. Секаков вид на донација е добредојден без разлика дали се работи за парични средства, новогодишни пакетчиња, храна, хигиена, облека, играчки… Акцијата, подочно дарувањето е планирано да започне од 10 декември, па затоа сите оние кои би сакале да ни помогнат тоа можат да го направат до 10 декември.“
И. Мисајловска