Од огромно значење и уважување на моите идеали: Кристина Петровиќ за признанието Најдобар меѓународен студент на Универзитетот Обуда во Будимпешта
Кристина Петровиќ е 21 – годишна девојка, која последните две и пол години живее, студира и работи во Будимпешта, Унгарија. Основно училиште има завршено во родното Делчево, додека средно завршила во ПСУ „Јахја Кемал“ во Скопје..
Моментално е петти семестар на студиите за Компјутерски науки и инженерство на Универзитетот Обуда. Од третиот семестар предава како асистент по предметите Дискретна математика и Линеарна Алгебра I и II на нејзиниот матичен универзитет.
Неодамна, Кристина се здоби со едно посебно признание кое го доделува овој универзитет, а тоа е за Најдобар меѓународен студент, што е и причина за ова наше интервју, во кое ни открива од каде идејата да студира во Будимпешта, но и колкава сатисфакција е за неа ова признание.
# Од каде идејата да студираш надвор на нашата држава и зошто баш на Универзитетот Обуда? Што е она што те примами да го продолжиш образованието во Будимпешта?
Цел во животот ми е да да ги проширувам моите хоризонти и гледишта што е можно повеќе. Отсекогаш сум била амбициозна и од оние луѓе кои постојано сакаат да напредуваат и да се надоградуваат. На тој начин стигнав и во Будимпешта, откако пред 5 години го посетив градот како турист и во истиот момент се заљубив во него. Уште тогаш знаев дека тоа е само почеток на мојата приказна во Будимпешта. Со тоа што бев примена на Универзитетот Обуда да го продолжам моето образование, официјално приказната продолжи. И среќна сум што се работи за исклучително среќна приказна; запознав многу луѓе и стекнав пријатели од целиот свет, научив уште повеќе за разликите, но и за тоа колку ние луѓето сме слични едни на други, без разлика од каде доаѓаме. Се збогатив спиритуално и тоа за мене е бесценето- вредност кон која се стремам низ животот. Исклучително ме прави среќна тоа што сите мои нови пријатели сакаат и можат преку мене да слушнат збор-два, па и повеќе за Македонија и за луѓето во нашата мала, но преубава земја.
# Дали имаше и некои други опции пред да се аплицираш на овој универзитет?
Според моето скромно мислење, секој човек треба да има план Б, па и Ц во животот. Да, имав повеќе опции за избор, но мојата прва опција беше Будимпешта и мојот избор се покажа како вистинскиот.
# Што е она што го издвојува овој универзитет од другите?
Универзитетот Обуда нуди идеална средина за студенти, почнувајќи од врвните професори, па сé до пријатната атмосфера на кампусите, финиот персонал и колегите-студенти.
# Колку си задоволна од начинот на кој професорите таму го пренесуваат знаењето?
Професорите при Универзитетот Обуда, поточно на факултетот по Информатика – Џон фон Нојман, се секогаш подготвени да излезат пресрет на нас студентите и да ни помогнат. Нивното знаење и вештини се недискутабилни, а нивната професионалност веднаш доаѓа до израз.
# Неодамна беше избрана за најдобар меѓународен студент на овој универзитет. Колкава сатисфакција е ова признание за тебе?
Да, избрана сум за најдобар меѓународен студент на мојот универзитет. Значењето на ова признание само по себе е огромно, но неговото лично значење за мене самата е неописливо со зборови. Ова го сметам како признание за мојата љубов кон учењето и личниот напредок, уважување на моите идеали и тоа ме прави пресреќна и презадоволна млада личност. Едноставно само по себе е доказ дека сум на вистинскиот пат. Огромна мотивација за да продолжам напред кон нови успеси и да продолжам да работам на себе, на секое можно поле.
# Имаш ли освоено и други признанија и на кои си особено горда?
Уште од мала почнав да одам на натпревари по математика и физика, кои ми помогнаа да се развијам во личност со идеи. Имам освоено над 50 награди и признанија, но сакам да издвојам неколку од нив - двократен Државен првак по Математика и Општинската награда за моите достигнувања и придонес за градот Делчево. Самите натпревари беа подготовка за животот - во секој момент да даваме сé од себе. Но, и тоа дека, ништо не паѓа од небо, треба самите да ги заслужиме работите, да бидеме вредни и истрајни, а со тоа животот ќе не награди секогаш.
# Од кој ја добиваш најголемата поддршка?
Од сите луѓе кои се дел од мојот живот. Пред сéмојата фамилија- моите родители, баба и сестра. Тие се непресушлив извор на поддршка, секогаш тука за мене. Моите најблиски пријатели и колеги, кои секогаш ме бодрат и веруваат во мене. И патем сите луѓе кои нашле и одвоиле дел од нивното драгоцено време за да ми кажат по некој убав збор. На сите им сум бескрајно благодарна.
# Што правиш во твоето слободно време?
Во моето слободно време се дружам со моите најблиски пријатели. Гледам да бидам физички активна, така да вежбам јога, трчам, играм тенис и одам на кратки или долги прошетки. Музиката е незаменлив дел од мојот живот, секојдневно слушам добра, квалитетна музика и започнав да учам да свирам усна хармоника. Поминувам доста време во природа, каде што ги полнам батериите за нови предизвици.
# Каде се гледаш за 10 години?
Се гледам како среќна, задоволна, исполнета и успешна во мојот живот и кариера. Сите овие крајни цели претставуваат процеси на кои треба да се работи секојдневно и истрајно. Моментално работам на мојата прва збирка песни - поезија и се надевам во скоро време и ќе ја издадам. Десет години е навистина долг период, и ќе биде сигурно еден од најважните во мојот живот. Мислам дека скромен одговор на ова прашање е сосема доволен, а сето останато го оставам на енергијата на Универзумот, која до сега ми беше верен сопатник.
И. Мисајловска