Од плакарот на Марио Арангеловски: Белата ролка - подарак од сестра ми е секогаш одличен избор
Од денес, секоја среда ќе имате можност да ја читате новата рубрика на Хаштаг. Станува збор за рубриката „Од плакарот на...“ во која тин ѕвездите ќе одбираат неколку омилени парчиња облека, аксесоари и слично. Секој ќе има различни причини, а секоја причина ќе носи своја приказна, која секако вие ќе ја дознаете.
Мултиталентираниот уметник Марио Арангеловски ја имаше можноста прв да биде дел од нашата нова рубрика. Тој одбра три модни парчиња кои имаат посебно место во неговиот плакар и чии приказни ги раскажа на еден неверојатен начин. Па да почнеме:
# Вака бев облечен во вториот круг во „Ѕвездите на Гранд“, но истиот стајлинг го искористив на уште една прилика, односно настап на првиот онлајн концерт кој пред неколку месеци се случи во Куманово за време на полициски час. На ова фотографија буквално секое парче облека е добро, пријатно за носење и одлично се слика. Најефективен е елекот, кој наликува на панцир, што всушност и ми беше намера. Ова не е парче за секој ден, но знае да послужи. Не верувам дека повторно некогаш, некаде ќе го облечам истото ова, затоа што е впечатливо, а веќе два пати го носев, но сите парчиња поединечно може да се комбинираат со нешто друго и тоа добро да изгледа.
# Бела ролка е секогаш одличен избор. Ова конкретно ми е особено драга, затоа што ми е подарок од сестра ми, притоа, ова е првата ролка во мојот гардеробер, оти претходно бев убеден дека ролките не ми „стојат“ и никогаш не ги купував, ниту се чувствував пријатно во нив. Но, после оваа ролка, се случи пресврт.
# Овде мислам дека е и повеќе од очигледно за кое парче облека станува збор. Со години барам црна „бомба“ јакна која ќе виси на мене и дури минатата зима ја најдов. Сите ме прашаа за таа јакна, а јас на неа налетав многу спонтано. Навистина е пријатна и ефективна. Држи топло и добро се „слика“, што е исто така важно.