Онлајн-промоција на првиот „Македонско-унгарски разговорник“

Онлајн-промоција на првиот „Македонско-унгарски разговорник“

Објавена во: После „Школо“ // PR

Првиот „Македонско-унгарски разговорник“ чиј автор е Соња Трајковска онлајн ќе биде промовиран на 26 јануари (вторник) во 20 часот на фејсбук-страницата на „Литература.мк“. Со оглед на тоа дека секој јазик е богатство со кој се прошируваат видиците, во книжарниците „Литература.мк“ наскоро ќе може да се најде ова дело кое е во издание на „Арс Ламина“.

Трајковска има дипломирано полски јазик на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а овој јазик ѝ бил близок затоа што 12 години живеела во Словачка. Сепак, нејзина пасија и најголем интерес е унгарскиот јазик затоа што е родена во оваа земја од мајка Унгарка и татко Македонец и ја имала шансата да го совлада овој јазик уште како малечка. Иако сакала да го студира унгарскиот јазик, сепак морала да донесе поинаква одлука затоа што на нашиот универзитет сè уште нема катедра за унгарски јазик.

Модератор на онлајн-промоцијата ќе биде уредникот на изданието, Филип Видиновски, а покрај авторката Трајковска, гостин ќе биде и лекторката по унгарски јазик Шаролта Папаи.

– Кога почнав да се интересирам и многу подлабоко да го изучувам унгарскиот јазик, посетив неколку од нашите книжарници, но за жал не можев да најдам ниту една книга или речник, конкретно унгарско-македонски, кој би ми помогнал во тоа. Тогаш помислив дека можеби е време, бидејќи веќе ја имам таа среќа да го знам унгарскиот јазик, да бидам прва која ќе ја дополни таа дефицитарна литература и за секој кој понатаму ќе пројави интерес да може да почне да го изучува јазикот барем од основните зборови, изрази и граматика. Исто така, и носталгијата која ја чувствувам кон мојата родна земја ме поттикна да ја надополнам токму на овој начин, за да имам контакт со јазикот секојдневно. Но, за мене, овој „Унгарско-македонски разговорник“ е само почеток во однос на замислата што сакам да ја остварам во иднина. Се надевам дека овој мал разговорник од 140 страници ќе пробуди желба кај многумина за подлабоко изучување и разбирање на унгарскиот јазик. Да не заборавам, многу ми значеше и поддршката од најблиските, кои исто така се мотив за остварување на мојот проект, бидејќи големите успеси се нижат во кругот на љубовта и поддршката – вели авторката Трајковска.

Освен во книжарниците „Литература.мк“, „Македонско-унгарски разговорник“ наскоро ќе може да се нарача и онлајн преку веб-страницата www.literatura.mk.

* ПР - објава

Објавена во: После „Школо“ // PR

Можеби ќе ве интересира: