Осовременетата „Автобиографија“ на Цепенков е одличен влез за децата во нашето народно творештво
Книгата „Автобиографија“ на најпознатиот македонски собирач на народни умотворби, Марко Цепенков, која е со осовременет јазик и чиј концепт е адаптиран за децата, вчера беше онлајн промовирана на фејсбук-страницата на „Литература.мк“. Модераторот на настанот што се одржа по повод 100-годишнината од смртта на овој значаен домашен автор беше уредникот на изданието, Ведран Диздаревиќ, кој посочи дека ова дело може да биде одличен влез за помладата генерација во македонското народно творештво. Соговорник беше проф. д-р Славица Србиновска од Институтот за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
„Автобиографија“ е адаптирана на осовременет јазик наместо прилепскиот дијалект на којшто оригинално е напишана, а на овој дел работеше Анета Пауноска. Книгата е конципирана за најмладите читатели со поделба во посебни поглавја, речник на помалку познати зборови што се користат и кои го водат читателот низ книгата, како и прашања на крајот од делото насочени кон тоа што научило детето од ова издание. „Автобиографија“ е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“ и може да се најде во сите книжарници „Литература.мк“ или да се нарача онлајн на www.literatura.mk.
– Цепенков имал опсесија да ги слуша приказните, да влегува во дискусија со тој со којшто зборува и да го бележи сето тоа. Цепенков е значаен не само како собирач туку и како автор, а факт е дека ова дело е значајно за запознавање на една историска фаза од развојот на македонската култура. Со трендовите на инстантно консумирање информации, концентрацијата попушта. Но, кај оние љубопитни и заинтересирани умови отвора нови светови од минатото – истакна професорката Србиновска, која воедно додаде дека денес информациите ги добиваме со притискање на едно копче на интернет, додека во тоа време сè се засновало на ширење на гласот за Цепенков и неговата желба да ги собира народните умотворби и приказни, поради што и денес знаеме како функционирал тој период од македонското творештво.
„Автобиографија“ не е само животна приказна на Цепенков и воедно негово комплетно авторско дело туку и сегмент од таа историска фаза со која може да поставиме компарација кон тоа како живееме денес. „Автобиографија“ Цепенков ја пишува во 1896 година за да одговори на прашањето како станал собирач на народни умотворби. Но, ова осовременето издание има цел да го приближи текстот до најмладата публика и да им даде шанса да се запознаат со делата на Марко Цепенков уште во училишните клупи. Марко Цепенков речиси целиот свој живот го посветил на собирање народни приказни, песни и други фолклорни форми и неговата важност за македонската книжевност е непроценлива. Неговото богато творештво со објавени и необјавени дела го сочинуваат повеќе од 5500 поговорки, 800 приказни, 150 песни, 100 гатанки, верувања и клетви, баења, соништа и нивни толкувања, детски игри, речници, описи на занаети итн.
Во ова издание на „Автобиографијата“ на Цепенков направени се неколку адаптации од оригиналниот текст: неговиот прилепски говор е осовременет, според правилата на стандардниот литературен јазик, а текстот е поделен на поглавја за да се олесни процесот на читање. Изданието содржи и поговор од проф. д-р Наташа Аврамовска од Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Целата промоција може да се погледне на следниот линк