Ова е можност да се наспиеме и одмориме од брзиот живот: Марио Арангеловски за изолацијата

Ова е можност да се наспиеме и одмориме од брзиот живот: Марио Арангеловски за изолацијата

Објавена во: Stars // Интервјуа

Овие денови сите помалку или повеќе, сме во изолација во своите домови. Причината нема потреба да ја повторуваме, бидејќи веќе сите сме добро запознаени со коронавирусот кој го нападна светот. Учениците останаа дома, а образовниот процес им продолжи од домовите, поголемиот број на родители се дома, но има и такви на кои работните обврски не им дозволуваат да останат во домовите.

Еден од нив е и Марио Арангеловски, момчето кое има повеќе професии или хобија, бидејќи секој различно гледа на нив. Пее и оваа година е дел од музичкото натпреварување „Ѕвездите на Гранд“, снима видеа за јутјуб, а воедно е вработен и во општината Куманово и ова последното е причината поради кој тој не може да остане 24/7 во карантин.

„Вчера налетав на еден краток текст од „Писателката од Лозана“ кој ми го промени мислењето во однос на актуелната состојба во Македонија, но и целиот свет. Топло ви препорачувам да го прочитате. Имено, сите ние имавме планови, обврски и идеи кои треба да ги запоставиме на момент, додека планетата Земја се реновира. Јас се уште одам на работа, па, не можам да кажам дека сум во карантин 24/7, но во целост ги почитувам мерките за заштита  и не излегувам од дома ниту пред, ниту после работа.“ - започна Марио, а потоа додаде дека она слободно време кое му останува и го поминува дома го користи за да го прави она за што немал време додека бил потрупан со обврски.

„Снимам видеа за на јутуб, со тоа придонесувам и на оние кои ме следат да им биде интересно, активен сум и на Инстаграм, каде што ги анимирам луѓето  така што им поставувам интересни прашања, правам квизови, онлајн лексикон, лајвови и така натаму. Се трудам да им го исполнам времето на оние на кои им е досадно, иако, не сфаќам како може да им биде досадно. Толку многу друштвени игри постојат, а јас верувам дека повеќето живеат со родителите, браќата, сестрите, бабите или дедовците. Имаат телефон, компјутер, интернет, телевизија, книги, домашни обврски...“

А, еден ден во полу - карантин на Марио изгледа вака:

„Јас на пример, два часа од слободното време ги трошам на социјалните мрежи, во следните два часа гледам филм или серија, еден час снимам видео, два часа го уредувам. Многу често змам да си ја подсредам собата, да чепкам по спомените во старите фиоки, да си зготвам нешто вкусно за вечера... Така што, секогаш има што да се прави, само треба на паметен начин да си го организираме слободното време. И да, ова е идеална прилика да се наспиеме како луѓе и да одмориме од брзиот живот кој релативно сите го живееме. Сега сите сме еднакви.“ - раскажа Марио и за крај упати апел до сите граѓани да ги почитуваат мерките за заштита.

„Јас упатувам апел до сите луѓе да ги почитуваат мерките за заштита од коронавирусот, да си седат дома и без непотребна паника да уживаат во слободното време.“


И. Мисајловска

Објавена во: Stars // Интервјуа

Можеби ќе ве интересира: