Пандемијата не ги спречи „Дреновци“ во своите цели: Проектот „Измешајте ги културите низ Балканот“ продолжува
СЕПУГС „Васил Антевски – Дрен“, во изминатиов период активно работи на проект добиен од владната организација РИКО (Регионална канцеларија за младинска соработка), организација која го обединува Западниот Балкан преку едукација, образовни активности и меѓусебна соработка на земјите кои членуваат во истата.
Проектот носи наслов „Измешајте ги културите низ Балканот“ и се одвива во соработка со две партнер училишта, средното училиште „28 јуни“ од Источно Сараево и машинско училиште Тузла.
„Првичниот план беше секое училиште да оди во посета на другото. За жал, поради светската пандемија, успеавме да ја одржиме мобилноста само кај нас, во нашето училиште. Во месец февруари Скопје и „Васил Антевски – Дрен“, беа домаќини на 20 ученици и 4 професори од Босна и Херцеговина. Имавме прекрасна недела, исполнета со многу активности, научно едукативни екскурзии, едукативни работилници и нормално забава. Од оваа мобилност излезе и куварот на традиционални јадење, во кој се претставени највкусните рецепти од Македонија и Босна и Херцеговина.“ - ни открија од училиштето.
Целата ситуација со пандемијата ги спречи да ги посетат остантите училишта и градови, па мобилностите ги одржуваа онлајн.
„Поради КОВИД ситуацијата, мобилностите кои требаше да ги одржиме во Источно Сараево, а потоа и во Тузла, ги префрлифме онлајн. Преку апликацијата ТИМС, изминатата недела виртуелно се дружевме со нашите пријатели од Босна и Херцеговина. Виртуелно го посетивме Источно Сараево, имавме онлајн концерт на традиционлани и модерни песни, избравме официјален постер на проектот и поетска творба која ја опишува тематиката која ја работиме.“
Проектот завршува во ноември оваа година, а дотогаш уште еднаш виртуелно ќе се сретнат во Тузла.
Во меѓувреме учениците кои се дел од проектните активности, ќе следат курсеви за Микрософт алатки, Фотошоп и Моден дизајн, финансирани од РИКО, кој ќе им помогнат да ги надградат своите вештини и ќе значат едно ново образовно искуство за сите нив.
Координатор на овој проект е професорката по англиски јазик и литература, Ирена Стрејќиќ, која активно учествува во секој сегмент од овој проект, чија цел е препознавањето и прифаќањето на културите што живеат во реагионот на Балканот.
Новите активни дијалози и пријателства се резултатот од овој проект, а финалниот резултат е намалувањето на дикскриминацијата во иднина.
„Преку активностите кои се спроведуваат во рамките на проектот сакаме да влијаеме на спречување на меѓукултурните конфликти и откривање на различностите, нои сличните различни културни вредности. Низ активностите го учиме јазикот на другите, музиката, танцот, храната, стилот на живот, ракотворбите и традицијата. Конечно, овој проект ќе ги мотивира учениците да го заштитат своето културно наследство и да бидат почитувани кон различните култури.“ - посочуваат.