Покажа како се пее во Македонија: Тамара Грујевска освои Гран При на фестивалот „Golden Stars Rain“ во Русија (ВИДЕО)
Тамара е уште еден амбасадор, кој преку музиката ја промовира нашата држава...
Единаесетгодишната Тамара Грујевска од Гостивар ја освои највисоката награда - Гран При на Интернационалниот музички фестивал „Golden Stars Rain“, кој се одржува во Владимир, Русија. Дека го освои жирито со своите гласовни способности, говорат и највисоките оценките кои ги доби.
На овој натпревар, Тамара отпеа две неверојатно тешки песни - „Црно и бело“ од Калиопи Букле и „I Have Nothing“ од Витни Хјустон. За изведбата од сите членови од жирито доби по 10 максимални поени, а со тоа највисоката награда Гран При ѝ беше загарантирана.
На сцената се појави во креација од македонскиот дизајнер Златко Јовановски, во која изгледаше како принцеза од бајка.
Пред да замине во Русија, во интервју за Хаштаг, Тамара вети дека ќе се потруди успешно да ја претстави нашата држава на овој фестивал.
„Верувам дека успешно ќе ја претставам Македонија и во иднина ветувам, многу настапи, фестивали, натпревари, насекаде во светот. Планирам нови песни и спотови. Сакам Македонија да се гордее со мене.“