Популарната македонска поетеса Ана Бунтеска во Битола за промоција на нејзините дела
Популарната македонска поетеса Ана Бунтеска после подолго време на 29.02.2020 г. (сабота) доаѓа во Битола во Порта Џез за промоција на нејзините авторски дела Понеделнички Муабет и Најди ми Име. Како што кажува и самата доаѓа во градот каде што нејзиното срце се полни и со радост и со тага…”
Ана Бунтеска
Ние не останавме покусо и веднаш ја запрашавме зошто е тоа така и добивме брз одговор спакован како мал елегантен подарок кој веднаш сакате да го отворите и сето тоа заедно со песна:
“ЗАТОА ШТО СЕ ВРАЌАМ ВО ГРАДОТ КАДЕ ГО МИНУВАВ СЕКОЕ ЛЕТО И ОД КОЈ ГИ ИМАМ НАЈУБАВИТЕ СПОМЕНИ ОД ДЕТСТВОТО…А ТАГАТА Е ДЕКА БАБА МИ И ДЕДО МИ КАЈ КОИ ГО ПРЕСЕДУВАВ ЛЕТОТО, ОДАМНА НЕ СЕ МЕЃУ ЖИВИТЕ. А ТИЕ ЈА ИМАА НИВНАТА ГОЛЕМА ЉУБОВ ЗА КОЈА ЈА ИМАМ ОПИШАНО КАКО ПЕСНА:
Се љубеа како деца
баба ми и дедо ми
на старост љубовта млада им беше
како свежа изворска вода
а душите испреплеткани
како гранките од стариот лешник
ете таква љубов сакав
како нивната
со корени до центарот на земјава
со страст која избрчканата кожа им ја пеглаше
тој и’ береше трендафили од дворот
таа со раце полни нежност вратоврската му ја местеше
како стакла беа
се огледуваа еден во друг
потем дедо ми почина
канцер градите му ги изеде
едно утро го снема
остана само капутот обесен в подрум
и после 20 години на него мирисаше
а баба ми свена
заедно со трендафилите во дворот
умираше години после него
секој ден
тивко
полека
телото и’ беше здраво
ама душата, срцето, тие и’ оболеа
не се насмевна потоа
ниту еднаш
ниту прабаба кога стана
ден пред да умре
лешникот го исекоа
проклетиот, ги изнамачи луѓето
имаше корења до центарот на земјата.
(за Панде и Марика од Битола)”
„После подолго време, повторно онаму каде што срцето ми се полни и со радост и со тага, заедно со мене Биба Додева, а ќе читаат жените кои имаат посебно значење за мене. Секоја од нив е јас, а јас дел од нив.Ве сакам Габриела Илиевска, Биљана Темелкова-Бејковска, Изабела Филов, Јасна Николовска, Сандра Атанасовска.
Ќе фотографира жената која знае од секоја фотографија да направи љубовна приказна, Тања Димитриевска.
Доаѓаме заедно со мојот грб и поддршка Ана Иванова од Просветно дело. Ве чекам на најубавото место во Битола, се разбира Порта Џез, ти благодарам Влатко Христовски Дадо. Се гледаме, имам трема уште од сега”- Ана Бунтеска