Повеќе од 3.000 четвртоодделенци ја поминаа обуката на А1 Македонија за безбедност на интернет
Со сè поголемата употреба на интернетот од страна на децата уште од најрана возраст, се наметнува прашањето што ние како возрасни можеме да направиме за да ги заштитиме. Добрите, но и лошите вести патуваат многу брзо, и без многу размислување децата можат да се најдат во непријатни ситуации. Има многу работи кои е важно да ги научат, било да е тоа да разликуваат што е вистина, а што не, дека сè што ќе постираат останува онлајн и дека не секој што е онлајн е нивни пријател. На нас е да ги едуцираме како безбедно да бидат дел од светската мрежа, а притоа да ги заштитат своите лични податоци.
Потребата за овој тип на едукација на децата ја препозна А1 Македонија која како компанија двигател на дигитализацијата во земјава, во 2018 година презема иницијатива и го креираше проектот „Интернетот не e само игра... Кликај безбедно!“. Оттогаш па досега се едуцирани повеќе од 3000 ученици во повеќе од 30 училишта.
Во петтиот циклус предавања кој започна во септември 2021 година, вработените во А1 Македонија, на волонтерска основа преку интерактивни и интересни предавања, приспособени за возраста и на образовната програма, ги запознаваат учениците од четврто одделение и го збогатуваат нивното знаење за интернетот, како безбедно да бидат дел од светската мрежа, а притоа како да ги заштитат своите лични податоци. Ги учат како да ги препознаваат „небезбедните“ веб страници, како правилно да ги користат пребарувачите и апликациите, да не споделуваат свои слики и лични податоци, како да креираат безбедни лозинки, и најважно од сè, ги учат дека сè што им изгледа сомнително или чудно треба да го пријават на своите родители или наставници. Брошурата во која учениците ќе најдат многу корисни информации за интернетот може да се најде на официјалната страна на А1 Македонија на следниот линк.
Во учебната 2021/2022 година обуката за безбедност на интернет ја поминаа 400 деца од 5 основни училишта на територијата на град Скопје. Во предвид се уште најмалку 5 предавања до крајот на школската година, во училиштата во неколку градови во Македонија. Поради пандемијата работилниците се одвиваат онлајн, преку платформата на Teams. Програмата се реализира во соработка со Министерството за образование на Република Северна Македонија, а со одобрение на Бирото за развој на образованието.
* ПР - објава