Преку A1 WayUp до кариерен пат и вештини на иднината - Отворени апликации за втора генерација на A1 WayUp, платена практикантска програма на А1 Македонија
А1 Македонија веќе втора година по ред ја отвора програмата A1 WayUp и е во потрага по млади дипломци кои сакаат да го градат својот кариерен пат и да работат на реални проекти преку кои ќе стекнат вештини на иднината.Компанијата отвора вкупно 18 позиции за платена пракса, со полно работно време, а практикантите ќе имаат можност да го стекнат своето прво работно искуство и да работат на проекти од областа на анализа на податоци, вештачка интелигенција, развој на продукти, развој на ИТ решенија, оптички и 5G мрежи.
Додека работат на проекти, практикантите од A1 WayUp ќе имаат целосна поддршка од менторите и тимовите на А1, како и бенефиции еднакви на сите други вработени во компанијата. Покрај работа на конкретни и иновативни проекти, учесниците може да очекуваат обуки за важни деловни вештини како што се презентација, ефективна комуникација, агилни начини на работа.
„Истражувањата покажуваат дека 65% од основците ќе се занимаваат со професии кои сè уште не постојат, а дури 94% од работодавачите веќе очекуваат нивните вработени да стекнат нови вештини додека работат. Увидувајќи го трендот на иднината, А1 Македонија веќе втора година по ред ги отвора вратите на младите и им нуди кариерен пат и усовршување на вештините на иднината. Практикантите од A1 WayUp во текот на работата добиваат можност да работат на комплексни проекти и целосна поддршка од ментори“, истакна Стефан Јовановски, Раководител на одделот за човечки ресурси.
Програмата A1 WayUp се отвора втора година по ред и има за цел на младите да им овозможи кариерен пат и вештини на иднината. Во текот на првата година 11 млади дипломци од областа на Data работеа на реални проекти, и уште во првите шест месеци стекнаа дигитални вештини, а усвоија и голем број други деловни вештини кои денес ги користат во кариерата.
Учесниците од првата генерација од програмата A1 WayUp веќе се вработени во А1 Македонија.
„Програмата A1 WayUp е вистинска можност за младите кои се на крај од своите студии или кои завршиле и сакаат да работат во меѓународна компанија и да стекнат знаење и искуство преку работа на реални проекти. Поддршката која ја нуди тимот и можноста за работа со најсовремена дигитална технологија е навистина голем бенефит и одличен почеток на кариерата“, изјави Здравко Тодоров, Помлад дата аналитичар за машинско учење, кој својата кариера во А1 Македонија ја започна како практикант во првата генерација на A1 WayUp.
Рокот за апликации за програмата A1 WayUp за сите 18 отворени позиции започнува денес, 15 јуни и трае еден месец, сè до 15 јули. Сите млади кои се на крај од своите студии или кои ги завршиле, а сакаат да го градат својот кариерен пат во дигиталната и ИКТ индустријата, може да аплицираат преку линкот.
* ПР - објава