Промоција на „Рокчето“, новата сликовница од познатиот поет Никола Маџиров

Промоција на „Рокчето“, новата сликовница од познатиот поет Никола Маџиров

Објавена во: После „Школо“ // PR

Новата сликовница „Рокчето“ од познатиот поет Никола Маџиров, со илустрации на Анета Илиевска, ќе биде промовирана на 30 јануари (вторник), во 19 часот, во новата книжарницата „Литература.мк суперстор“ во „Дајмонд мол“ на првиот кат. Книгата ќе ја промовираат Оливера Ќорвезироска и Ермис Лафазановски.

„Рокчето“ е прва книга за деца на Никола Маџиров, еден од најистакнатите и најпреведуваните современи македонски поети во светот. Зачувувајќи ја својата препознатлива поетичка нишка, Маџиров напишал авторска бајка според истоимената приказна од струмичкиот крај собрана од фолклористот Иван Котев. Во неа, Маџиров еднакво е и поет и раскажувач.

Формата „приказна во приказна“ во текстот на Маџиров е изведена многу лирски. Во наше, сегашно време, дедо му ја раскажува приказната за рокчето на својот внук. Читателите ја слушаат/ја читаат приказната, заедно и истовремено со детето-главен лик. Ваквото раскажување на две нивоа: во сегашноста како рамка на минатото, во современоста како рамка за традицијата, е видливо и во илустрациите на Анета Илиевска, кои исто така се на две нивоа: еден е ликовниот израз на страниците каде што дедото и внукот се сами во наше време (модерен), друг – во приказната што дедото му ја раскажува на внукот (фолклорен).


Посебноста на оваа сликовница е во тоа што на крајот сè се поврзува со сè. Минатото со сегашноста, традицијата со совремието, приказните со поезијата, народното творештво со авторскиот израз. Детето кое ја слуша приказната се идентификува со детето со рогот од приказната; дедото кој раскажува, всушност е детето со рогот и на внукот (и на читателите) им раскажува за себе. Личните поврзувања ѝ даваат особена лиричност на оваа сликовница мека како облак, нежна како снегулка.

Никола Маџиров (1973) е еден од најпознатите и најпреведувани поети од Македонија. Досега има објавено десетина книги на македонски јазик, вклучително и изборите поезија, а уште толку има објавено во земјите во странство. Како преведувач се јавува на петнаесетина книги поезија, раскази и романи. Неговата поезија е преведена на четириесет јазици во над педесет земји и објавувана во антологии и списанија во Европа, САД, Азија, Африка, Латинска Америка и Австралија.

Добитник е на поетската награда „Хуберт Бурда“, којa му беше доделена од жирито чиј член беше добитникот на Нобеловата награда за 2019 година, Петер Хандке. Освен ова меѓународно признание, тој ги има добиено и светската награда за книжевност „ДЈС“ во Кина (2011), европската поетска награда „Левир литерер“ (2015) во Франција, наградата за придонес во современата европска поезија на колеџот „Кингс“ во Кембриџ (2016), главната поетска награда на меѓународниот поетски фестивал „Орфеј“ во Пловдив, Бугарија (2019), меѓународната поетска награда „Beijing Literature and Art Network“ во Пекинг, Кина (2021), националната награда за поезија „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата и уште две поетски награди со национален предзнак: „Студентски збор“ и „Ацо Караманов“.

Никола Маџиров има настапувано на повеќе реномирани светски фестивали. Беше член на бордот за објавување на петтомната антологија на светската поезија.

Анета Илиевска е родена во 1974 година во Скопје. Љубовта кон уметноста кај неа се раѓа уште како дете, по што се запишува во средното училиште за применета уметност „Лазар Личеноски“ во Скопје, на насоката за графика. Од 1993 година работи како графички дизајнер. Покрај богатото портфолио од областа на графичкиот дизајн, има дизајнирано корици за неколку стотици книги, а „СНЕШКО. Дневникот на едно кутре“ е прво издание каде што се јавува и како илустратор. Од 2017 година активно се занимава и со фотографирање, за што има добиено повеќе награди и признанија, а учествувала и на неколку македонски и интернационални групни изложби.

Сликовницата „Рокчето“ е заедничко, комплетно авторско дело со Никола Маџиров, во кое Анета Илиевска ни се претставува како вистински изграден илустратор со свој препознатлив ликовен ракопис.

Сликовницата е во издание на „Либи“ дел од „Арс Ламина“ и достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.
https://www.literatura.mk/slikovnici/47114-rokceto

ПР објава

Објавена во: После „Школо“ // PR

Можеби ќе ве интересира: