Промовирана сликовницата „Рекичето што сакаше да порасне“ од Ване Костуранов и Ана Торма

Промовирана сликовницата „Рекичето што сакаше да порасне“ од Ване Костуранов и Ана Торма

Објавена во: После „Школо“ // PR

Новата сликовница на познатиот македонски сликар, илустратор и автор на книги за деца Ване Костуранов, со текст на српската авторка Ана Торма – „Рекичето што сакаше да порасне“ беше промовирана вчера (петок, 6 мај), за време на Саемот на книгата. За пловноста на приказната на македонски јазик придонесе Бисера Бендевска. Заедно со уредничката и промоторка на книгата – Оливера Ќорвезироска, таа пред присутните на штандот на „Арс Ламина“ и „Литература.мк“ го раскажа процесот на создавање и превод на книгата, што во првична верзија била напишана на српски јазик. Сепак, првото издание е на македонски јазик и е објава на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Ќорвезироска и Бендевска истакнаа дека „Рекичето што сакаше да порасне“ е нежна лирска алегорија за дете кое е нестрпливо да порасне. Во својот прв книжевен текст Ана Торма прави симпатична, симболична „замена“ на дете со рекиче и на мајка со река. Така, малите читатели полесно ќе се идентификуваат со приказната и ќе станат свесни дека сè во светот (и животните и растенијата...) е еден вид одраз на луѓето, поточно на растењето, на созревањето и на заминувањето на луѓето, како животен циклус. 

– Малкуте одбрани зборови на Торма, многуте препознатливи илустрации на Костуранов и необичниот формат на сликовницата што со своето вертикално отворање оддолу нагоре (наместо вообичаеното хоризонтално оддесно налево) и самата потсетува на река, создаваат една топла приказна што потекува низ детскиот свет првин тивко како поточе, потоа сè пожуборливо како планинска река; првин како нежно синило, потоа како богат колорит. Стравот, неизвесноста, но и радоста од растењето на рекичето-дете се предадени со богата емоционална палета на зборови и бои – подвлече уредничката.

Рекичето на Торма и на Костуранов не е рекичка, како што вообичаено ги викаме малите реки. Таа е рекиче и со оваа зборовна финеса, со нетипичниот деминутив, се остварува дополнителна милост. Се онеобичува необичното, се намалува малото, се разнежнува нежното,.. но и се подвлекува индивидуалноста како битен патоказ во развојот на децата. 

Ова е петта книга за деца од Костуранов, во издание на „Арс Ламина“, по „Sвездено дете“ (2018), „Девојче и мече“ (2019), „Девојчето и градот“ (2020) и „Мирко Немирко“, со текст на Ана Ѓокиќ (2021). На промоцијата на новата книга тој рече дека покрај тоа што на децата преку книгите треба да им се пренесе порака, важно е делата да им пренесат и сенс за култура и уметност.

– Убавината на оваа книга е тоа што таа е повеќеслојна и има неколку важни пораки – дека сè е менливо и во постојано движење, па дури и кога тоа не е видливо, растењето на секое живо суштество и животниот циклус од раѓање – до смрт, надминувањето на нашите најголеми стравови со поддршката од нашите најблиски, како и едукативниот момент со водниот циклус во природата... При работата на сликовницата беше тешко да се замисли и да се претстави реката како главен лик во приказната, затоа што реката е во постојано движење и постојано се трансформира. Важно беше да се долови севкупното чувство што се провлекува во книгата, дека, освен водата, која постојано ги менува облиците, всушност сè што е живо е во постојан процес на менување. Најчесто, текстовите што се голем предизвик за илустрирање се и дополнително инспиративни, бараат поголема посветеност, но нудат поголема уметничка слобода и креативност – рече тој. 

Објасни и дека најтешкиот дел од работата на кој било илустратор и уметник е да успее да изгради препознатлив уметнички израз, да остане автентичен на неговата работа, а притоа да не се повторува...

– Знам, звучи парадоксално, но секоја нова книга и секој нов проект на кој работам е нова креативна битка со себеси. Илустрациите за оваа сликовница се цртани на хартија и би рекол дека се најблиску до моето сликарство, а повеќето од нив би функционирале и посебно како слики – рече тој.

Ова е прво вакво авторско искуство на Ана Торма, која потекнува од Србија, а живее во Шпанија и се занимава со застапување автори на интернационалниот книжевен пазар. Иако не беше присутна на промоцијата, Торма им се обрати на читателите преку онлајн-допис. 

-Го знаете чувството кога се грижите за нешто што уште не се ни случило? „Рекичето што сакаше да порасне“ е приказна за препреките што изгледаат невозможни и за нивното совладување. Една рекиче, кое уште не станало река, оваа пролет по првпат ќе потече потполно само. За среќа, околу него има заедница која е негова постојана поддршка...  Во текот на пандемијата на социјалните мрежи видов фотографија и краток текст на еден мој пријател, кој зборуваше за реката од неговиот крај, неговото доживување и трансформацијата на реката низ годините. Тој се менувал низ годините, но и реката... или можеби не? Голема љубителка сум на реки. Пораснав на Дунав и сето тоа заедно направи да се замислам и со тоа тргна приказната- рече таа. 

За нивната соработка, Костуранов вели:

– Јас и Ана работиме заедно веќе неколку години и имаме прекрасна соработка што е изградена на заемна почит и доверба, па можам да кажам дека далечината воопшто не беше проблем. Ана одлично си го сработи својот дел, ми прати инспиративен текст и ми остави доволно простор да ја дораскажам приказната преку илустрациите.

– Уште од почетокот на нашата соработка, која е поврзана генерално со сликовници, Ване и јас се разбираме одлично и тоа се одрази и на овој вид соработка. Иако донекаде имав потреба да му кажам што сум замислила како илустрација додека ја пишував приказната, знаев дека тој секако ќе ја направи неговата магија. Така и бидна!

Книгата беше претставена на неодамна одржаниот престижен саем на детска литература во Болоња. Авторскиот тандем вели дека има многу планови поврзани со течението на оваа сликовница. 

– Имаме големи планови за „Рекичето...“, како и за сите други книги од Ване! Книгата излезе од печат токму навреме за да стигне на Меѓународниот саем за литература за деца во Болоња, така што веќе имаше можност да биде претставена на издавачи од целиот свет. Верувам дека децата, а и возрасните, без разлика на границите, ќе го препознаат квалитетот на оваа книга, нејзината повеќеслојна приказна и живописните илустрации – вели Торма, на што Костуранов дополнува:

– Убаво е чувството кога вашата уметност излегува надвор од рамките на матичната земја, тоа, пред сè, е потврда за квалитетот на вашата работа. Верувам дека „Рекичето...“ ќе ги пробие границите на нашата држава и ќе потече како река низ повеќе предели во светот и ќе си го пронајде својот пат.

Сликовницата „Рекичето што сакаше да порасне“, како и другите книги од Ване Костуранов, се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.

„Арс Ламина“ и „Литература.мк“ на годинашното 34. издание на Саемот на книгата се претставуваат под слоганот „По книгата денот се познава“.


ПР објава


Објавена во: После „Школо“ // PR

Можеби ќе ве интересира: