Првачињата најтешко го прифатија 10-ти јуни: Наставничката Соња Спасова за онлајн наставата со најмалите

Првачињата најтешко го прифатија 10-ти јуни: Наставничката Соња Спасова за онлајн наставата со најмалите

Објавена во: Совети // School zone

За учениците, оваа година заврши поинаку, тажно.
На 10-ти јуни, тие не го слушнаа последното ѕвонење на ѕвончето во училниците, кое го означува крајот на учебната година. 
Особено тешко тоа го прифатија најмалите, па токму на оваа тема зборувавме со одделенски наставник на првачиња во ООУ "Никола Вапцаров" - Струмица, наставничката Соња Спасова.

Наставничката Соња вели дека овој 10-ти јуни беше поинаков и тажен, посебно за помалите, затоа што не го слушнаа своето прво, последно ѕвонење на ѕвончето со кое ќе се означеше завршувањето на прво одделение.
-Да се надеваме дека од септември сето ова што ни се случи ќе остане позади нас и децата повторно ќе седнат во училишните клупи и пак ќе слушаат како училишното ѕвонче го означува крајот на еден час, а почетокот на другиот. Крајот на училишната година го спроведовме онлајн и се потрудив барем малку да наликува на крај кој што сите го очекувавме. Децата испратија поздрав со песничката "Догледање школо..." и на сите им посакаа убаво и среќно лето.

Наставничката Соња која предава на првачиња, вели дека тоа се најранлива категорија на деца, деца кои само што започнаа да се запознаваат едни со други, со еден поинаков живот, училишен. Тие во училишните клупи беа едно полугодие.
-Го започнаа второто полугодие, но, во еден момент им се промени се. На 10ти март ни беше соопштено дека остануваме дома две недели, но за жал останаа дома до крајот на училишната година. Останавме дома токму кога се спремавме за осмо-мартовска програма, кога се спремавме за учество на струмичкиот детски карневал. Имавме многу планови, но одеднаш се се промени.



Тогаш се соочивме со нов предизвик. Како да им ја објасниме новонастанатата ситуација? Како да им објаснам дека нема да има програма за мајките, нема да има детски карневал, иако маските и кореографијата беа спремни, а песните за мајките научени. Како да им објаснам дека нема да доаѓаат на училиште...Наидов на голем предизвик.

Наставничката Соња Спасова вели дека кога започнала организацијата со онлајн настава, и на неа и на сите ученици им недостигало физичкото присуство, онаа физичка врска учителка-ученик. 
-Тие секогаш беа подготвени предвреме на својот Zoom акаунт, затоа што со нетрпение чекале да ме видат мене и своите другарчиња. Се чувствуваше дека и ним премногу им недостигаше другарувањето и седењето на училишните клупи.
Работевме со децата на Zoom часовите, но и родителите беа од голема помош, и тие активно работеа со своите деца дома и редовно ми ги пуштаа домашните задачи, коишто нивните најмили ги беа завршиле во предвиденото време.

Наставничката смета дека децата го добија потребното знаење од дома, но сепак потенцира и дека не бил достигнат максимумот, додавајќи дека физичкото присуство е од големо значење.

За учениците, голема радост е и доделувањето на свидетелства, ја прашавме наставничката Спасова дали се знае што ќе се случува по тој повод. 
А таа со голема благодарност зборува и за родителите и не ги изоставила од нејзините планови.

-Не се знае како и дали ќе се доделуваат свидетелствата, знаете дека тоа е еден свечен чин, но јас како наставник на моето одделение подготвувам нешто со кое би го означила сето тоа (со доделување диплома на секој ученик и благодарница на родителите) затоа што без нив немаше да се реализира сето тоа што ние го реализиравме, имајќи ја во предвид возраста на децата.

Со оглед на тоа што постои можност следната учебна година да започне со далечинско учење, наставничката Спасова смета дека истото ќе влијае на децата многу и нема да биде лесно. Децата тешко ќе се навикнат да соработуваат бидејќи се мали.
-Мислам дека огромен минус за онлајн наставата е отсуството на дружење и социјализација на учениците. Но, јас како наставник со помош на родителите ќе ја водиме и таа битка за на крајот да излеземе од истата како победници.


*Љ.И

Објавена во: Совети // School zone

Можеби ќе ве интересира: