Првиот трејлер за финалната сезона на „La Casa de Papel“ открива што се случува со омилената двојка од серијата
Конечно е прикажан долгоочекуваниот трејлер кој ни дава барем мал увид во последната сезона на серијата „La Casa de Papel“. Петтата сезона, воедно и последната, пристигнува на Нетфликс кон крајот на годината и ќе биде поексплозивна и напната од сите досега, барем ако се суди според количината на пукање, експлозии и тепачки што се најавени.
Претходната сезона се заврши така што разбојниците се најдоа во прилично непријатна ситуација - заробени во Народната банка во пресметка во стило на Буч Касади со цела војска пред себе.
Официјалниот синопсис вели дека тие се затворени во шпанската банка 100 часа. Успеаја да ja ослободат Лисбон, но мрачните моменти се пред нив. Инспекторката Сиера го уапси професорот и за првпат тој нема резервен план за бегство. И токму кога мислат дека веќе ништо не може да тргне наопаку бидејќи ситуацијата е безнадежно лоша, тие ќе се соочат со многу помоќен непријател отколку што очекуваа.
„Крајот на најголемиот грабеж во историјата се наближува и она што започна како кражба, ќе се претвори во војна“ - стои во најавата.
Целиот тим што публиката го засака уште од првата сезона е заедно во серијата, а трејлерот ни даде мал увид во она што се случува со двојката што сите ја обожуваат. Токио и Рио, кои имаат подеми и падови од самиот почеток, и во последните епизоди не само што не беа заедно, туку и не можеа да поднесат да бидат во непосредна близина, изгледа дека повторно се зближија.
Ова ќе биде епски судир, вели креаторот на серијата, Алекс Пина. Како што тој живописно опишува, досега изгледаше како игра на шах, интелектуална борба, а сега тоа е стратешка војна со многу пукање.
„Адреналинот е во сржта на оваа серија. На секои 30 секунди нешто се случува и ги прекинува главните ликови и ги тера да преземат нешто. Мешавината од адреналин и напнатост што ја чувствуваат сите наши симпатични ликови ќе биде на максимум до крајот на грабежот“ - објави тој.
Инаку, последната сезона ќе биде поделена на два дела, првиот ќе се емитува на 3 септември, а вториот на 3 декември.