Родителите лути, децата збунети: Од каде пари за да се купи потребниот уред за следење на наставата од далечина?
Овој викенд, учениците и родителите добија меил за тоа какви конфигурации треба да имаат ИТ уредите од кои учениците ќе ја следат наставата од 1 октомври. Националната платформа за учење на далечена нема да може да се следи од секој уред, бидејќи за истата да функционира потребни се посебни спецификации.
Учениците од 4 -то до 9 - то одделение и оние од средните училишта наставата ќе може да ја следат од неколку ИТ уреди (десктоп компјутер, лаптоп, таблет и мобилен смарт телефон), од кои барем еден, секое семејство има во своето домаќинтво. Иако навидум ова претставува одлична вест, откако детално ќе се прочита известувањето од Министерството за образование се создаваат грижи кај родителите.
Сигурно се прашувате зошто, но одговорот на ова прашање според МОН е едноставно, а тоа се спецификациите кои треба да ги имаат уредите. Имено, освен тоа што уредот преку кој ќе се следи наставата, треба да биде поврзан на Интернет, спецификациите кои треба да ги имаат десктоп копјутерите и лаптопите се оние кои создаваат проблем. Па, така за да може ученикот без проблем да ја најави на Националната платформа за учење од далечина, неговиот уред треба има: минимум седма генерација i3 процесор, на минимум 1.6 GHz или еквивалетен AMD процесор, минимум 4 GB RAM меморија, хард дискот треба да има минимум 128 GB SSD, екранот да има минимум 1024 х 768 резолуција, минимум 128 MB графичка меморија, оперативниот систем да биде Windows 8.1 или Windows 10, уредот да има USB 2.0 видео камера или стандардна лаптоп камера, а исто така треба да има звучници и микрофон.
Иако, за некој сите овие спецификации се нешто сосема нормално и некои од вас ќе речат, „Во ред, во 21 век секој еден од нас има ваков, па дури и уред со подобри спецификации“, тоа во праксата не е така. Има многу семејства во кои има повеќе од еден ученик, кои на овој начин ќе ја следат наставата. Доколку семејството има веќе еден уред, а му е потребен уште минимум еден, тогаш од својот семеен буџет ќе треба да одвои минимум од 12.000 до 15.000 денари, за на своето дете да му овозможи настава без проблем.
Но, што е со семејствата кои живеат од минимална плата и кои едвај имаат за на своите деца да им го овозможат потребниот училишен материјал (тетратки, моливи, пенкала, блок и целиот останат училишен прибор). Токму овие родители се оние кои се лути на оваа одлука и на ограничувањата кои ги дава самата платформа. Доколку, истиот уред го купат и на рати, ќе треба да го отплаќаат минимум 12 месеци, а некои дури се одлучуваат и на 24 или пак на 48 месечни рати. Така, истиот уред од на пример 12.000 денари, би чинел повеќе, со оглед на провизиите и каматите кои одат „рака под рака“ со купувањето на рати.
Ќе речеме добро во ред, проблемот ќе се реши со тоа што едно дете наставата ќе ја следи на смарт мобилен телефон, но и тука проблемот не е решен. Зошто? Затоа што доколку наставата се следи преку таблет или мобилен телефон, ученикот ќе се соочи со неколку ограничувања, како што се: намалената прегледност на сите елементи во Платформата, поради големината на екранот и неможноста за користење на глувче и тастатура, со што се отежнува пишувањето на подолг текст.
За овие прашања се дебатира и во Фејсбук групата „Иницијатива на родители за учебната 2020/2021“, во која коментарите на родителите треба и те како да бидат разгледани од страна на надлежните институции.
„Навистина ми е жал за сите случувања што длабоко ги засегаат нашите деца. Јас сум самохрана мајка на три деца кои принудно треба да учат од дома. Никој не ме праша како ќе им го овозможам божем бесплатното, ем задолжително образование. Доколку не постапам по оваа директива јас ќе одговарам пред законот“ - гласи еден од коментарите во низата.
Заклучот на сево ова е дека Министерството за образование и наука, кое стои зад целиот овој план, малку задоцни и не им дозволи на родителите доволно простор и време за на своите деца да им ја овозможат најважната алатка, преку која ќе го продолжат своето образавание. На само 4 дена пред стартот на учебната година тие се информираа за овие спецификации, кои навистина ќе им созададат проблем на учениците во следењето на образованиот процес.
Дали ќе има решение за овој проблем, не се знае, иако времето тече, а стартот на учебната година веќе се смешка. За тоа колку успешно ќе биде реализирана и дали секој родител ќе успее на своето дете да му овозможни уред кој ќе овозможи непречено следење на наставата, ќе дознаеме од 1 октомври.
Р.Х.