Родителите нѐ испраќаа за Австралија, а ние се шегувавме со нив: Андријана со љубов се сеќава на приказни со Тоше
Денес на 25-ти јануари, Тоше Проески ќе наполнеше 42 години. Откако на 16 октомври во 2007 година, трагично загина во сообраќајна несреќа, обожавателите на нашата музичка легенда рекоа: Тоше има само ден на раѓање.
Денеска од 12 часот, во Спомен куќата „Тодор Проески“ во неговото родно Крушево, ќе се одржи концерт во чест на Тоше, на кој ќе пеат Андријана Јаневска и Бојан Стојков.
Андријана и Тоше беа блиски пријатели уште од почетоците на неговата кариера, а таа беше гостинка на неговиот прв концерт на Лизгалиште во Скопје во 1999 година.
- На 25 јануари ќе настапам на покана на мојот пријател и колега Вангел Мажевски со кого заедно го одбравме репертоарот. Ќе ги отпеам „Морска ѕвездо“, „Громови на душа“, „Излажи ме уште еднаш“ и „Тајно моја“, додека пак со Бојан Стојков ќе отпееме две песни во дует: „Немир“ и „Волим осмијех твој“, ни раскажа Андријана за овој настан.
Андријана со љубов се сеќава на нејзината прва средба со Тоше и раскажува што е она што во нејзините очи го правело посебен.
- Со Тоше првпат се запознавме на Макфест 1997 година, кога тој дебитираше на македонската сцена со песната „Пушти ме“, а јас бев придружен вокал на Пеце Огненов. Се сеќавам како коментиравме дека има преубав глас, а вечерта после фестивалот се дружевме сите заедно во некое од штипските кафулиња. Тоа беа прекрасни времиња кога меѓу пејачите постоеше вистинско другарство и почитување“, со носталгија се сеќава нашата позната виолинистка, пејачка и професор.
- Сите спомени со Тоше се длабоко врежани во мене и никогаш нема да ги заборавам. Секако дека има многу анегдоти, особено во периодот на почетоците на нашите кариери. Се сеќавам кога во 2000 година требаше да патуваме за Австралија, нашите родители не' испраќаа на аеродромот, а ние на шала им велевме: Ајде де, ко за Австралија да ќе одиме!
Различен беше токму во тоа што беше природен и непосреден, голем другар и хуманист, а таков остана и кога се здоби со огромна слава кај нас и на Балканот“, вели Андријана за Тоше.
М.Џаровска