Сакам светот да дознае за мене: Интервју со Лара Иванова
Лара Иванова, шармантната и талентирана млада пејачка со песната „Flower od Sorrow“ ќе се обиде да го оствари својот сон. Таа е дел од младите пејачи кои се борат да ја претавуваат Македонија на Еврононг во Торино, и вели сака светот да дознае за неа. Лара е инаку балерина, и учи во средното балестко училиште. За себеси одблиску, таа раскажа за „Хаштаг“.
# Ако ја претставуваш Македонија на Евросонг, како би се претставила пред пошироката публика, која е Лара?
-Јас сум 17 годишна девојка која има една голема желба- Светот да дознае за мене и да ја слушне мојата песна. Да, во едно интервју пред неколку години изјавив дека сакам светот да дознае за мене. Евровизија е моментот којшто наговестува почеток на една друга приказна. Тие три минути на евровизиската сцена се најдолги, но најслатки. Во тоа време си само ти присутен и имаш една желба - да ја претставиш Македонија во најдобро светло. Сакам да споделам со пошироката јавност дека покрај пеењето, од мали нозе се занимавам со балет и учам балетско училиште и тоа е дел од мојата пасија. Многу ја сакам уметноста, а посебно делот на нејзино пренесување на платно. Многу сакам да сликам и да ги искажувам емоциите преку слика. Песната е таа којашто ме исполнува и води. Преку песна го сознавам најдоброто.
# Раскажи ни за твоите балетски награди и достигнувања и зошто се реши музиката да биде твој животен пат?
-Уште од мала ги сакам балетот и музиката. Тука ја пронајдов среќата и во тоа сум најдобра и исполнета. Балетот за мене е уметност. Точка на поврзување на емоциите и човековата моќ.
Во 2014-та година го освоив првото место во натпреварот "Skopje open" во категорија модерен балет. Истата таа година, го освоив и третото место на меѓународен натпревар во Софија во Бугарија во категорија класичен балет.
Од 2010 до 2019 година бев дел од балетските претстави на Националната опера и балет за „Оревокршачка“ и „Петар Пан“.
Моментално сум трета година во Музичко - балетскиот училишен центар „Илија Николовски - Луј“ , на балетскиот отсек.
Музиката за мене е поим за живот. Сакам да се изградам како артист и да ме запознае публиката. Јас преку песните живеам. Секоја песна е дел од мозаикот, којшто сакам мојата публика да го слушне и види. Песните коишто ги издадов оставија голема трага на македонската естрада и внесоа еден друг момент и енергија.
Сакам со секоја песна да донесам нешто ново, да оставам посебен печат.
Кога го правиш тоа што го сакаш верувајте успехот е неминовен.
# Кој беше твојот прв посериозен настап?
Мојот прв посериозен настап се случи во 2019-та година кога со песната „Кој те учи така“ на композиторот и музички продуцент Иле Спасев настапив на "Макфест", а секако тука е и наградата за најдобар аранжман. Многу сум горда на целиот тим кој работеше на овој музички проект, а оваа песна има посебен дел во мојата кариера и музички пат.
# Дали си свесна за големината на Евровизија како манифестација и дали потајно се надеваш дека ќе бидеш избрана?
-Евровизија е најголемата европска па би рекла и светска музичка манифестација којашто на едно место ги интегрира музиката, различните култури и единствената желба за победа. Имам голема желба да бидам дел од евровизиската сцена и да ја претставам Македонија во најдобро светло.
Во рамките на изборот за песна на Евровизија морам да ги поздравам и пофалам сите учесници кои имаат одлични песни и секоја има своја приказна и посебност. Верувам дека кој и да победи ќе биде најдоброто за Македонија. И нормално, нека победи најдобриот.
# Која е Лара зад камерите, што те прави среќна и што ти го исполнува времето?
Јас сум дружељубива личност која сака да пее, танцува и да зборува. Многу сум комуникативна, и секогаш расположена за разговор. Сакам да уживам во денот и тоа гледам да е секогаш максимално искористено. Сликам, пишувам и уживам во овој дигитален свет. Сакам фотосесии и уживам да се сликам. Секогаш одвојувам време за шопинг, освежување на гардероберот и некое ново "Instagram Story". Се обидувам да бидам блиска со луѓето за да ме запознаат повеќе и да ја споделам својата музичка приказна.
Милица Џаровска