Сања Савеска: Уживајте во годините и младоста, за шминка има многу време!

Сања Савеска: Уживајте во годините и младоста, за шминка има многу време!

Објавена во: Moj стил, Интервјуа

На многумина утрото им започнува токму со нејзината насмевка и нејзината најава на емисијата „Македонија денес“, постојано насмеана, ведра и позитивна – Сања Савеска е многу повеќе од „утринско ТВ – лице“. Таа за Hashtag.mk открива каква е магијата на телевизијата, што најмногу ја мотивира, во колку часот и започнува денот, но дава и интересни совети за сите оние кои сонуваат за живот пред тв-камерите,како и за шминкањето и стилот на облекување ...

Те познаваме како лик од утринските емисии, на многумина утрото им почнува токму со твојата насмевка и твоето „добро утро“, па во колку часот ти почнува утрото и колку време ти е потребно за да се подготвиш и секогаш да изгледаш така совршено?

Утрото ми започнува навистина рано, алармот од понеделник до петок ми е наместен да ѕвони во 5.30, потребно ми е време да се расонам и да отворам убаво очи, па веднаш штом станам си подготвувам свежо смути од овошје па започнувам со останатите утрински ритуали. За убаво да ми започне денот, штом се разбудам си пуштам музика и така е многу полесно расонувањето, пред 7 сум веќе во телевизија и тука се препуштам на мојата супер шминкерка Симона.

Многу од девојчињата сонуваат за животот на телевизија. Тебе постојано те гледаме на малите екрани, па ќе им откриеш ли на оние кои сакаат да бидат дел од таа професија кои се предностите а кои недостатоците на животот пред камери?

Телевизијата е една магија, која штом ја почуствувате еднаш, тешко дека лесно ќе се откажете, ве обзема целосно, едноставно станувате зависни од адреналинот кој го носи оваа работа. Има навистина премногу предности кои едноставно ги засенуваат недостатоците, работејќи во ТВ секогаш сте помеѓу првите кои ги дознаваат информациите, можете секому да се јавите и да побарате интевју, ѕвездите кои до вчера ви изгледале далечни седат спроти вас и можете да ги прашате сè што сакате, редовно ве препознаваат на улица, па понекогаш може да добиете и нешто гратис на пазар. Како и секоја работа и оваа има стресни моменти, но тоа бргу мора да помине, затоа што гледачите сакаат и заслужуваат да ве гледаат насмеани.

Јавната професија има свои предности и нестатоци, колку што има позитивни има и негативни коментари, како се справуваш со нив?

Ќе бидам нескромна и ќе кажам дека досега сè повеќе добивам позитивни коментари, негативните коментари сакам да  ги слушнам и разгледувам зошто некој ме доживеал на даден начин, ги прифаќам, затоа што секој има право на свое мислење.Сакам да слушнам и критики, затоа што само така може да видиме што е она што може да корегираме за да бидеме подобри.

Долги години работиш емисија во живо, постојано е турболентно и се случуваат многу незгоди, би споделила ли некоја од нив?

Секоја емисија во живо е самата по себе непредвидлива, бргу се менуваат гостите, едни влегуваат, други го напуштаат студиото, така во една прилика брзајки успеав да истурам чаша вода врз една гостинка, која иако беше директор на висока институција, изреагира сосема смирено, и без оглед на незгодата имавме супер разговор.

Си размислила ли некогаш да се занимавш со нешто друго освен со водителството?

Моја детска желба беа театарот и филмот, од секогаш ја сакав театарската уметност. Дипломирав на Политички студии, но верувам дека никогаш нема да својата желба кон актерството ја искористам во политички цели.

Постои ли парче облека во твојот гареробер што не можеш да го фрлиш со години?

Постојат многу, кои само ги преперувам и префрлам од гардеробер во гардеробер, Рак сум во хороскоп и за сè се врзувам емотивно па и за парчињата гардероба кои веќе не ме ни собираат.


Што би ги посоветувала тинејџерките што предвремено сакаат да пораснат и многу рано започнуваат да се шминкаат?

Да уживаат во годините и младоста, за шминка има многу време, кога ќе бидете во позрели години ќе посакувате да го вратите времето и повторно да ги имате овие години, но времето не се враќа. Јас почнав интензивно да се шминкам кога започнав да работам во ТВ, до тогаш знаев само како се нанесуваат маскара, руменило и кармин, значи до мојата 30-та година го штедев моето лице.

# На која позиција во твојот живот е поставена љубовта?

На прво место, без љубов ништо во животот не успева, секогаш треба да најдеме сила вистински да сакаме, само со љубов животот има смисла и секој пораз е полесен кога има кој вистински да те сослуша и да ти ја врати на момент изгубената самодоверба.

# Без што не излегуваш од дома? Без мобилен телефон 

# Патики или високи потпетици? Патики 

# Балзам за усни или кармин? Сјај за усни 

# Фармерки или тренерки? Фармерки 

# Позната личност на која и се восхитуваш? Новак Ѓоковиќ

# Хаштаг што најчесто го користиш? #smile

Б.М.


Објавена во: Moj стил, Интервјуа

Можеби ќе ве интересира: