„Сантос блуз“ од Ненад Алексовски е книжевен портрет на модерниот номадизам

„Сантос блуз“ од Ненад Алексовски е книжевен портрет на модерниот номадизам

Објавена во: После „Школо“ // PR

Новиот роман „Сантос блуз“ од Ненад Алексовски ќе биде промовиран онлајн, денеска (7 октомври), со почеток во 19 часот. Онлајн-разговорот со авторот ќе го води уредничката на изданието Оливера Ќорвезироска, а ќе може да се проследи на фејсбук-страницата на издавачката куќа „Арс Ламина“.

„Сантос блуз“, кој е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е првиот книжевен наслов на Ненад Алексовски. Станува збор за една мошне динамично раскажана „отплата“ на личниот долг кон повеќе страсти истовремено: патувањето, музиката, театарот... Овој можен портрет на модерниот номадизам (географски, професионален и емоционален) има хибридна форма на дневник, патопис, роад-роман и блуз-проза. Како што вообичаено се повторуваат првите два стиха во блузот, така се повторуваат и деновите, месеците,.. времето во оваа лесно читлива новела за не толку лесните нешта во нашите животи. „Сантос блуз“ ги сецира моментите кога чувството на едно големо „ништо“ се трансформира во моќна инспирација.
„Не ја сакам зимата во Македонија. Особено кога знам дека за неколку недели, додека тука ќе има метар снег, а потоа и растопена грда снежна маса испомешана со кал, јас ќе бидам таму далеку каде што во јануари има метар коктели на плажа“, вели авторот во делото.

Ненад Алексовски е роден во 1975 година во Куманово. Основно училиште завршил во родниот град, а средно (Музичка гимназија „Станковиќ“) посетувал во Белград. По распаѓањето на СФРЈ, средното образование го дооформил во МБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје. Студирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје, паралелно работејќи во неколку училишта во Скопје, Куманово и Тетово како професор по хармоника и теорија на музиката. Карактерот и естетските афинитети го носат во театар, каде што има одиграно неколку претстави (во МНТ и во Драмски). Со своето неконвенционално кабаре настапувал по скопските клубови. Револтиран од општата ситуација во Македонија, се преселува на Малта, каде што држи приватни часови по пијано. Оттаму, заминува во Брисел, каде што живее четири години и студира на САЕ Институтот за саунд дизајн и аудиоинженеринг. Се враќа на Малта во 2010 година и магистрира на тамошниот Универзитет на отсекот Театарски студии, со фокус на режија и критичка теорија. Формирал театарска група „Банда Театарска“ со која и ден-денес успешно работи. Афинитетот кон пишувањето го открил за време на адаптациите на драмските дела од Бертолт Брехт, Семјуел Бекет и Ежен Јонеско, што ги работел за неговата театарска група. Го пропатувал речиси целиот свет и неодамна, од Лисабон, Португалија, се сели во Лимасол, Кипар, каде што живее и работи во моментот.

Книгата веќе е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, како и онлајн на интернет-страницата www.literatura.mk.

* ПР - објава


Објавена во: После „Школо“ // PR

Можеби ќе ве интересира: