Сашко Коцев се потсети на својата матурската вечер: Музичарите не можеа да ме избркаат од бината
Матурската вечер за некои е највузбудливиот настан во животот, во која мора да се претстават во најдобро светло. Ангажираат стилисти, шминкери, фризери, трошат многу пари. За други пак е само забава како и секоја друга и не се оптоваруваат со посебни подготовки. Еден од нив е и актерот Сашо Коцев, кој моментно е во фокусот на јавноста со филмот „ Нешто слатко“ кој се прикажува воCineplexx Скопје.
Коцев матурирал во 2000 година. Во тој период работел во кафуле и со своите колеги почнал да ја слави матурата од 15 часот. Потоа ја зел својата партнерка и заминале на матурската забава која се одржала во еден хотел во Куманово.
- Во Куманово има традиција матурантите да ги пречекаат пред вратата од хотелот со послужавник со леб и сол, за среќна иднина. Успеав да им го грабнам послужавникот и да побегнам внатре. На тој начин ја расипав традицијата. Паметам дека многу пеев, свирев на гитара, а музичарите не можеа да ме избркаат од бината. Бидејќи сум практичен човек кој не се оптоварува со својот изглед, купив гардероба која потоа ја „убив“ од носење. Откако заврши забавата, цел клас отидовме кај наш другар кој живее блиску до хотелот и продолживме да се забавуваме. Утрината со тарабуки, хармоника и гитара отидовме пред училиштето да свириме и да им се ситиме на учениците од подолните класови кои веќе беа на настава – се присетува Коцев.
Неговите „ лудории“ публиката деновиве може да ги види и на филмското платно како главен лик во романтична комедија „ Нешто слатко“, која се емитува во скопските кина. Негова партнерка во филмот е Јелена Јованова-Периќ. Во улога на режисер се јавува стенд-ап комичарот Тин Водопивец. Коцев се потпишува и како копродуцент и косценарист заедно со Уршка Мајдич.
„Нешто слатко“ е романтична комедија. Тоа е филм полн со пресврти и забавни заплети. Кариерата на организаторката на маркетинг конференција виси на конец кога нејзиниот главен адут, маркетинг гуру од Македонија, го пропушта својот лет. За да избегне катастрофа, таа го заменува со локален слаткар кој изгледа исто како него…“, стои во најавата на филмот.
- Ова филм во словенечка продукција кој моментално ги полни нашите кино сали , во некои денови има и по четири проекции. Публиката излегува весела и насмеана и таа е нашата најголема реклама. Добивам многу коментари,многу позитивни критики и мислења дека мора да снимиме втор дел на истата приказна. Филмот ќе биде прикажан во Битола на 27. Мај, веќе сме во преговори и со други градови во Македонија. Во Скопје е се' уште на репертоарот - открива актерот.
(С.А.Н)