СЕ ЗНАЕ ДАТУМОТ НА СТАРТ НА УЧЕБНАТА ГОДИНА ВО ХРВАТСКА: Како ќе изгледа наставата во училишните клупи?
Новата училишна година во Хрватска дефинитивно ќе започне на 7 септември и наставата ќе се одвива нормално, а тоа значи - во училишните клупи, пишуваат хрватските медиуми.
Поголемиот дел од учениците ќе бидат во своите училници, а за исклучителните случаи ќе се обезбеди онлајн настава, на пример во случај некој од учениците да е заразен или да има потреба од самоизолација.
Деталите за епидемиолошките мерки што ќе треба да се почитуваат во училиштата се уште не се објавени од страна на министерството, но сепак искуството со враќањето на пониските одделенија во основните училиште и понатаму најавува строги хигиенски правила и почитување на физичката дистанца, а токму таа би можела да биде проблем.
Лесно беше да се сместат учениците на метар и половина физичка дистанца во услови кога наставата се одвиваше само за пониските одделенија. Во таа ситуација многу училишта ја задржаа работата во две смени за да се намали бројот на ученици во една смена, а како тоа ќе се реализира од есен кога ќе се вратат сите ученици во училиштата, засега и во Хрватска е отворено прашање.
Настава во две, а некаде и три смени?
Како наједноставно решение се споменува преминувањето од една смена во работење во две смени. Некои иницијативи на родители дадоа предлог за скратување на часовите и дури работа во три смени, за да има што е можно помал број на ученици, кој ќе престојува во иста зграда.
Во секој случај во Хрватска некои работи веќе се јасни - учиштето почнува на 7 септември и наставата ќе се одржува во училиштата и нема да има прекини, а веројатно истата ќе се одржува во две или можеби три смени.