Штитот на Капетан Америка во рацете на малиот херој кој ја спаси сестра си од куче
Шестгодишното момче Бриџер од американскиот град Чајнен во државата Вајоминг стана познато откако ја спаси својата помлада сестра од напад на германски овчар, кој го гризна и му нанесе тешки повреди на главата, а за тој храбар чин доби подарок од својот суперхерој - Капетан Америка.
Бриџер застана меѓу неговата сестра и големото куче на 9-ти јули откако забележа дека животното е насочено кон неа. Кучето го искаса по образот и му нанесе тешки повреди на главата, за што беа потребни 90 конци за да се затвори раната.
Тој доби пофалби од илјадници луѓе, откако неговото семејство ја објави приказната на „Инстаграм“.
Неговата тетка Никол Вокер изјави дека единствена желба на момчето е да ги запознае неговите омилени суперхерои.
Неговата желба се исполни неколку дена подоцна кога лично доби порака од Капетан Америка, односно актерот Крис Еванс.
Семејството објави видео во кое Бриџер во костим на капетан Америка гледа видео кое му го испратил Еванс.
„Еј, ти си херој, тоа што го направи беше несебично и целото семејство е среќно што те има, особено сестра ти што има таков храбар постар брат“, му рече Еванс на малиот херој.
Еванс му рече на Бриџер да внимава на поштата во наредните денови затоа што му го испратил оригиналниот штит на „Капетан Америка“ како подарок. Актерот исто така му порача на момчето да остане храбро.