Fiction – Автентична музичка фикција што допира до публиката и надвор од границите на нашата земја

Fiction – Автентична музичка фикција што допира до публиката и надвор од границите на нашата земја

Објавена во: После „Школо“ // PR

Љубителите на квалитетна, домашна авторска музика го препознаваат скопскиот бенд Fiction по неговиот автентичен настап и веднаш можат да ги набројат песните „После дождот“, „Дали знае“, „Сега или никогаш“, „Брои до три“, „Допир“... Квалитетот на музиката на бендот е неспорен, а го препознаваат и надвор од нашите граници. Пред неколку месеци Fiction го издаде дебитантскиот албум „Лавиринт“ кој имаше експлозивна концертна промоција во Скопје пред преполн клуб и публика која ги знаеше наизуст песните од албумот, но и постарите песни на бендот. А пред неколку дена, бендот го објави и спотот за песната „Допир“, кој е сниман во живо на концертната промоција. Членовите велат дека Fiction e бенд со влијанија кои осцилираат, од сите жанровски крајности, дефинирајќи се генерално како алтернативен рок, но со успешно имплементирани фанк, поп, фјужн и synth-wave влијанија, со што креира автентичен стил.   

1. Бендот Fiction постои од 2016 година. Што го одржува на домашната музичка сцена?

- Бендот постои веќе осум години и тоа без некои драстични промени и отстапувања од стартната постава. Го оформивме тројца: Петар (Ѓуревски) како вокал, Захар (Виктор Захариев) на гитара и Ади (Филип Андонов) на бас-гитара, а подоцна ни се придружи и Teo (Теодор Теодосиевски) на тапани. Во тие денови, сон на секој од нас беше да е во бенд, едноставно такво беше времето - ако свириш, треба да имаш и група. Правевме проби секој ден, бевме заедно поголем дел од времето, па така почнавме да развиваме и свои музички идентитети кои сѐ уште заедно ги надоградуваме. Затоа и велиме дека бендот е наше второ семејство. Fiction најмногу го одржува братската љубов која владее меѓу нас, како и љубовта кон музиката и кон творењето. Секако и поддршката од фановите е она што секогаш ни давало дополнителен поттик и стимул да работиме уште понапорно и да продолжиме да креираме. 

2. За разлика од поголемиот број бендови кои се заштитен знак на скопскиот ноќен живот и живите свирки, Fiction уште од 2017 година плива во авторските води издавајќи свои песни. Тешко ли е да се опстане на оваа сцена со години со авторски песни?

- Единствениот начин да се опстане на која било сцена е исклучиво со авторски материјал. Нашата локална сцена, алтернативна или популарна, хибернираше доста долг период додека бевме деца. Но, имавме среќа таа да се разбуди од сон токму во времето кога почнавме да креираме и ние, па некако се вклопивме и придонесовме во тој нов бран на македонска музика. Емоционално и спиритуално не е воопшто тешко да се избориме со секој предизвик штом го правиме она што го сакаме и она во кое сме најдобрата верзија од себеси. Од друга страна, материјалниот дел од равенката е оној кој претставува, благо кажано, поголем предизвик. Ова не е случај само со нас, туку со сите што се занимаваат со авторска музика од почетокот на овој век, низ целата планета. Гледаме да се адаптираме на времето, растевме во пикот на дигитализацијата на музиката, малку ја фативме ЦД - ерата, а сведочевме на подемот на социјалните медиуми и стриминг платформите. Не патиме од тоа да имаме тик-ток хитови и слава преку ноќ, но се обидуваме да ги искористиме достапните платформи за да допреме до што е можно поширока публика.

3. Што е поголем предизвик, да се успее да се задржи интересот на публиката со континуирани живи настапи или да се привлече нова публика со промоција на нови, авторски дела?

- Постои убавина и во двете. Кај нас е доста периодично, на моменти едвај чекаме да се затвориме и да снимаме во студио, додека пак кога ќе дојде концерт или фестивал, го посветуваме цело време на тоа. На пример, до август 2024 бевме целосно изолирани во студио, работевме на нов материјал, претпродукција и продукција на песните. Во моментот кога бевме сигурни дека тоа е тоа и дека албумот е готов, интензивно почнавме да се подготвуваме за „лајв шоу“ и кога дојде денот за концертна промоција на албумот - едноставно полетавме. Живите настапи ни се издувен вентил, а и силен адут. Живееме за нив, постоиме за да свириме пред публика, тогаш сме вистинските ние. 

4. Во ноември 2024 година го објавивте првиот албум „Лавиринт“ на сите дигитални платформи, а кратко потоа имавте и концертна промоција на албумот во Станица 26 која помина одлично. Како котира засега новиот албум, го најде ли својот пат до публиката?

- Пресреќни сме со реакцијата на публиката на албумот. Уште во првите денови по излегувањето на албумот, добивме безброј убави коментари и одличен фидбек на песните. Најмногу ни значи тоа што луѓето се препознаваат во песните и ги доживуваат на еден нов начин што досега ние не сме го знаеле. Тоа ни значи најмногу. Уште на концертната промоција, која се одржа само две недели по дигиталното издавање на албумот, луѓето ги знаеја песните напамет. За еден бенд нема поголема сатисфакција од тоа. Се надеваме дека „Лавиринт" допрва ќе го најде своето место во македонската алтернативна и поп култура, најмногу затоа што сакавме да направиме песни што ќе траат, песни што и за пет, десет или 20 години од сега ќе имаат тежина и ќе останат релевантни. 

5. Автентичниот стил на музика што го негува бендот е еден од неговите заштитни знаци. Верувате ли дека автентичноста носи поголема можност за успех и допир до поширока публика или пак тоа се постигнува само преку негување покомерцијална музика?

- Не мислиме дека нашиот стил на музика е анти-комерцијален, ниту пак анти-алтернативен. Некако со текот на годините научивме да ги собереме сите наши влијанија и да се обидеме да ги ставиме во оригинален контекст. Никогаш не сме сакале да бидеме присилно авангардни. Тоа ни е дури и одбивно, најискрено. Ниту пак сакаме да сме присилно поинакви. А на крај пак излегува дека сме. Нашите најголеми влијанија сепак може да се класифицираат како поп-актови. Џими Хендрикс бил поп-ѕвезда, Дејвид Боуви беше поп-ѕвезда, Depeche Mode се поп. Креираме како што се чувствуваме во моментот, идеите излегуваат како што течат низ нас, без компромис и без задржување.

6. Во 2024 година бендот беше еден од 12. финалисти на конкурсот за наградата “Милан Младеновиќ”, кој се организира на ниво на цел Балкан. Како стигнавте до финалето на овој конкурс и какво беше тоа искуство за вас?

- Втор пат учествуваме на овој конкурс, првиот пат со песната „Брои до три" која стигна до полуфиналето, а оваа година со песната „Допир" со која успеавме да стигнеме и до финалето. За нас, музичарот Милан Младеновиќ е идол, човек што без да го знаеме лично, па дури и со кој не сме делеле ист животен век, ни ги отворил вратите на сите кои искрено и бескомпромисно сакаме да правиме музика, пишуваме текстови, поезија и така да го менуваме светот. Пласманот во финалето ни преставува огромна чест. Особено ни е драго тоа што нашата песна „Допир" се најде на компилацијата од 12 финалисти која ја издаде здружението „Милан Младеновиќ", заедно со уште 11 финалисти од цел Балкански полуостров. 

7. Што би издвоиле како најголем успех на бендот досега?

- Дефинитивно еден од поголемите успеси ни е издавањето на албумот „Лавиринт" и неговата концертна промоција. Тоа се денови што ќе останат како најубави во нашите музички кариери и секогаш ќе ги паметиме. Секако, тука е и пласманот во финалето на конкурсот „Милан Младеновиќ", победите на Loser-Fest и Рок-фест. За голем успех го сметаме и тоа што успеавме да излеземе надвор од границите на нашата држава, особено во последниов период, со регионални настапи на фестивали. Уште поголем успех е тоа што луѓето таму ги знаат наизуст нашите песни, на македонски јазик. 

8. Какви се плановите на бендот за во иднина, која е насоката во која ќе се движи?

- Изминатата есен ја посветивме на концерти и фестивали, бевме дел од UnderFest 2024 во МКЦ, потоа дојде промоцијата, па настап на Пирит фестивалот во Митровица. Планираме да продолжиме со овие живи настапи, сакаме да допреме до што е можно поголема и поразлична публика од она што сме навикнати. Во исто време работиме и на видео записи за некои од песните на албумот. Паралелно на тоа работиме и на нов материјал што допрва ќе го објавиме.


ПР објава


Објавена во: После „Школо“ // PR

Можеби ќе ве интересира: