Сите сме сведоци на често пропаднати таленти: Тамара Волческа за стравот од влегувањето во музичките води
Деновиве на музичко поле е актуелно ново име и презиме – Тамара Волческа, девојката која сите ја споредуваат со светски познатата Били Ајлиш. Нејзиното првенче „Do You Remember“ веќе неколку дена се врти на радио станиците, а реакциите за истото се навистина одлично.
Како што открива во ова искрено интервју за Хаштаг, ѝ било потребно повеќе време за да се одлучи за овој чекор. Стравот од неуспехот е она што ја натерало оваа песна да ја чува во фиока цели три години. За неа допрва ќе слушаме многу, а за тоа добар доказ се нејзината амбициозност, мотивација и желба за успех.
# Пред неколку дена ја објави твојата прва песна „Do You Remember“. Колку време траеше реализицајата на овој проект? Какви спомени носиш од таа авантура?
- Во секоја минута од целиот процес беше вложена голема љубов и внимание. Како прва песна, сакав да биде цврст печат за секоја наредна. Работевме неколку месеци, а спомените од студиото како и од снимањето на спотот се нешто што ми е врзано во срце и меморија засекогаш - како прва возбуда, прво искуство, неизвесност, адреналин, нетрпеливост и силна желба за совршена целосна приказна.
# Веќе кажа дека текстот за песната го имаш напишано ти во убав период од твојот живот. Дали ја имаш посветено на некој и дали тоа го знае личноста на која ја имаш посветено?
- Точно, песната е напишана една саботна вечер пред три години, додека јас и моја другарка одлучивме да ги избегнеме гужвите и дружбите низ град. Сосема спонтано, парче хартија, во убава атмосфера изникна текстот и бевме пресреќни што дури на шала кажавме: „Значи замисли ова да се сними еден ден и да биде хит!?“ Хаха. Посветена е на сите љубови кои згаснале, сите солзи што капнале, сите разочарувања што поминале и најбитното (заокружено со спотот), за сите насмевки кои светат најсилно после согорување на лошите чувства. Низ тој текст, низ таа приказна, сме поминале сите ние. Песната е за сите нас.
# Пееш долго време, но зошто волку долго чекаше за да го објавиш своето првенче? Зошто сметаш дека сега е вистинското време?
- Добро прашање. Сметам дека немав доволно храброст. Сите сме сведоци на често пропаднати таленти тука кај нас, недоволна ценетост на она „нашето“, сѐ поголемо вреднување на туѓото. Јас сум голем сведок за луѓе од моја околина што поседуваат преголеми квалитети за уметност, глума, актерство, пеење, но суровоста во препознавањето на сите тие обележја ги демотивира да се борат за истите, па одлучуваат да останат во комфорт зона или пак да газат по трња за да го дофатат врвот. И кај мене пловеше тој момент, среќа имав што запознав луѓе што ми дадоа ветер во грб, поддршка и поттик да „проодам“ и да го изговорам првото зборче. Само тоа требало. Сега сме на стартот од почетокот и ќе газиме цврсто.
# На сметка на физичкиот изглед, многумина те споредуваат со светски познатата Били Ајлиш. Колку ти годи оваа споредба и дали лично ја слушаш музиката која ја прави таа?
- Ми годи, веќе гледам дека така настана и мојата најава при моето појавување. Ја слушам Били и ја сакам нејзината музика. Има свој печат, автентичност и оригиналност. Но, мојата цел е да бидам своја. Јас сум само Тамара, човек, уметник кој се вози на емоција и емпатија. Тоа е тоа што ќе го пренесувам, чистина и искреност. Луѓето го препознаа тоа, па се надевам дека само како таква ќе ме доживуваат. Нека биде само Тамара.
# Пред две години беше дел од проектот „Kaly’s Music Challenge“. Какви спомени носиш од таа соработка и колку си задоволна од тоа како помина истиот?
- Тоа беше, на мое најголемо задоволство, едно од најубавите искуства во мојот живот. Калина ја гледав со восхит за нејзината посебност, работа, страст и нејзината енергија (што нели е очигледна), Емилија - талент и вокал со светска вредност за кој силно верувам дека допрва ќе слушнеме. Јас, како збунето дете застанато меѓу овие две прекрасни суштества за првпат искусувам сериозна страна на музиката и дел од музички проект од тој вид. На „крешендо“ и други музички изрази се сеќаваме сè уште, бидејќи Тамара не знаеше за што тоа воопшто се зборува и објаснува, хаха. Многу сум им благодарна за таа прилика и за првото залче што ми го дадоа и ми поттикнаа глад за повеќе.
# Какви се твоите идни планови, кога е музиката во прашање? Дали можеби планираш да се пријавиш на некое музичко натпреварување, за да може пошироката јавност да те познае подобро?
- Творење, создавање песни и музика. Тоа е мојот план и веќе е активирана динамична реализација. За брзо одиме во студио и првенчето нема да е само. Носам премногу во себе, и сето тоа има потреба да исплива на површина и да биде споделено. Не сум размислувала за музичко натпреварување само поради фактот дека сум слободна душа и само сакам таа слобода и тоа чувство да им го дадам на луѓето. Но, не се знае што носи времето, останува да видиме по рекламите, хаха.
# Каде се гледаш за 10 години?
- За 10 години... Би сакала да можев и да цртам, па да си го насликав животот во иднина и преку бои, но верувам за брзо ќе напишам и песна за тоа, па ќе се дефинирам подобро, хаха. Спокој, мир, добра музика, мој човек, чаша вино, па акустичен концерт на плажите низ Америка и светли точки да бидат насмевките на луѓето пред мене. Накратко склопено, тоа би бил мојот Дом.
# Кој хаштаг најчесто го користиш?
- #doyouremember периодов, нормално, хехе.
И. Мисајловска