Сите заслужуваме еднаков третман: Студентите потпишуваат петиција како револт на одлуката на МОН во врска со државните стипендии
Под мотото „ПОКАЧЕНИ СТИПЕНДИИ ЗА СИТЕ СТУДЕНТИ - СИТЕ ЗАСЛУЖУВАМЕ ЕДНАКОВ ТРЕТМАН!“ започна потпишувањето на петицијата од страна на студентите, кои се незадоволни од донесената одлука на државните органи, во врска со државните стипендии.
„Министерството за образование и наука летово соопшти дека од оваа година студентите ќе добиваат покачени стипендии. Најавата беше пречекана со голема радост од сите студенти, но со објавувањето на конкурсот стана јасно дека покачените стипендии нема да важат за сите студенти, односно покачени стипендии ќе можат да добиваат само кандидатите кои за првпат аплицираат за државна стипендија. Студентите кои се веќе корисници на стипендија ќе продолжат да ги земаат старите (пониски) суми.“ - го започнаа студентите своето излагање во петицијата.
„Пренесено преку бројки, новите апликанти кои ќе добијат стипендија, на пример, од прва категорија (социјална група), ќе добиваат по 6.050 денари месечно во текот на 9 месеци во годината. Студентите од истата категорија кои веќе користат стипендија ќе добиваат двојно пониска сума, односно 3.300 денари месечно.
Не се согласуваме со ваквиот модел на покачени стипендии. Со овие околности се врши дискриминација и истите прават поделба помеѓу студентите!“ - посочија студентите, а акцет ставија и на најавата за покачените стипедии кои ќе зажат за помалку од една третина од студентите корисници.
Поради сево ова се појави револт кај оние студенти кои се изоставени од новините, а поради истиот како прва мерка што се презеде е петицијата „ПОКАЧЕНИ СТИПЕНДИИ ЗА СИТЕ СТУДЕНТИ - СИТЕ ЗАСЛУЖУВАМЕ ЕДНАКОВ ТРЕТМАН!“
„Како потписници на оваа петиција, бараме од МОН да се изнајде соодветно решение со кое ниту еден студент нема да биде оштетен и дискриминиран. Бараме покачените стипендии да важат за сите студенти, а не само за оние кои аплицираат за првпат. Очекуваме убави вести.“