Снешка Путинска Трајковска: „СНЕШКО. Дневникот на едно кутре“ е вистинска приказна за растењето на моето милениче

Снешка Путинска Трајковска: „СНЕШКО. Дневникот на едно кутре“ е вистинска приказна за растењето на моето милениче

Објавена во: После „Школо“ // PR

Ведра, духовита, едукативна и топла е приказната од новата книга за деца „СНЕШКО. Дневникот на едно кутре“ од авторката Снешка Путинска Трајковска, со илустрации од Анета Илиевска, која вчеравечер (30 ноември) беше промовирана онлајн. Книгата, која е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е прво книжевно дело на авторката Путинска Трајковска, но и илустраторско деби на Илиевска, која многу години работи како графичка дизајнерка, креирајќи корици за книги.

Онлајн-разговорот со авторката и со илустраторката го водеше уредничката на изданието Оливера Ќорвезироска, која истакна дека „станува збор за мини-роман, наменет за децата од ниските одделенија во основните училишта. Доверувајќи му го раскажувачкиот глас на едно кутре, повредено и одделено од својата мајка, авторката и илустраторката заеднички и мошне хармонично создаваат симпатична и топла приказна за секојдневието, за закрепнувањето и зближувањето помеѓу животните и луѓето. Со многу досетки и карактеристичен шарм, со јазични игри на границата помеѓу кучешкиот јазик и ’јазикот на човеците‘, со грешки и сознавања, приказната-дневник на кутрето Снешко, бело како снег, истовремено допира и до децата, но и до возрасните, како, впрочем, секоја добро осмислена книга за најмалите. Палавото секојдневие на кутрето е идентификувано со палавото секојдневие на секое мало суштество, куче, маче или дете, сеедно; но и со топлите, големи и меки срца на љубителите на животни, какво што е срцето на Мила, најдобрата другарка, негувателка и сопственичка на Снешко Беличковски“.

Авторката Снешка Путинска Трајковска откри дека приказната е автобиографска и дека ја напишала спонтано, без притоа да планира да ја објави како роман.
– Едноставно, само сакав да пишувам, зашто мислам дека тоа е начинот на којшто најубаво се изразувам. Кога пишувам, нештата сами излегуваат од мене. Приказната ја напишав пред 13 години, без намера да ја објавам некогаш. Само сакав да направам запис за себе, да остане за спомен. Станува збор за вистинска приказна. Јас сум Мила – девојката од книгата која се грижи за повреденото кученце, а Снешко беше кутре кое навистина го најдов на улица. Сите настани што се опишани во книгата се вистинити. Начинот на којшто пишувам во книгата е детски, како да раскажува кутрето. За мене тоа беше една убава авантура, да опишам како му помагам на кутрето да заздрави и да го следам како расте... Текстовите се искрени и ги пишував после секој ден поминат со Снешко. Додека јас прераскажував, тој ми седеше, или спиеше, во скут, како што е раскажано во книгата. Открив дека кога пишувам онака како што ме следат емоциите, така е всушност моето најдобро пишување. Најдобрите текстови ги создавам од душата... Моето семејство не знаеше дека имам книга за објавување, па кога им ја дадов на своите деца да ја прочитаат им беше многу интересно. Исто така, многу им се допаднаа и илустрациите. Всушност, чувството дека сум напишала книга го добив дури откако ги видов илустрациите, тие беа совршени, немав никакви забелешки – рече Путинска Трајковска, која е мајка на три деца.

Авторката и илустраторката претходно не се познавале, но успеале креативно да се поврзат преку приказната, која била инспиративна за графичката дизајнерка Илиевска. Вели дека се радува што во нејзиното богатото портфолио, во кое има дизајнирано корици за неколку стотици книги, конечно се потпишува и како авторка на илустрации за детска книга. И покрај големиот дизајнерски и ликовен багаж, признава дека имала позитивна трема како ќе излезе книгата.
– Работам графички дизајн повеќе од 25 години, но досега не сум имала можност да илустрирам детска книга. Морам да признам дека беше предизвик да се оживее визуелно приказната за Снешко. Пред сѐ, зашто ова ми е прво вакво работно искуство и сѐ уште немав оформен свој илустраторски стил за цртање на детски книги. Поминав многу време во истражување и анализирање, како да се дојде до најдобрата верзија. Цртајќи го Снешко, си го пронаоѓав стилот. Многу ми е драго што на крајот сѐ излезе убаво. Цртав по интуиција и, ете, сосема случајно, Мила многу личи на авторката Снешка. При создавањето книги за деца важно е тие да бидат интересни, да им го задржат вниманието на младите читатели, не само со текстот туку и да бидат разиграни со цртежи, па затоа имав навистина важна задача. Многу ми се допадна приказната на Снешка и затоа се нафатив да го илустрирам делото. Особено пресудно беше што се работи за кученце. Голем љубител сум на животните, особено ги сакам кучињата и мачките – рече Илиевска.

Покрај шармантниот спој на илустрациите со приказната, една од најсимпатичните страни на ова дело e духовитоста и играта со зборови, кои се многу значајни за задржување на вниманието на децата, да се забавуваат и да се опуштат додека читаат.
– Затоа што приказната е раскажана од агол на мало кутре, кое се обраќа, и е како мало дете, во неговиот лик ги вметнав дел од моите емоции и спомени од детството. Таков е примерот во приказната со Дарко Панчев, кој всушност ми беше омилен фудбалер кога бев многу мала. На некој начин, со тоа поглавје во книгата одбележав еден свој важен спомен... Не се сметам за писател, иако, нели, веќе имам објавено книга, но факт е дека многу пишувам – рече Путинска Трајковска и додаде дека порано секојдневно пишувала на својот блог, а има работено и како копирајтер.

Книгата е со ознаката „Лесно читливо“ и е одобрена од Здружението за дислексија „Ајнштајн“. Изработена е со фонт за дислексија, со што им се олеснува читањето на децата во фаза на описменување, но и на лицата со дислексија. Книгата е напишана со куси и јасни реченици, кои се лесни за читање.
– Интересно е што пред четири-пет години дознав дека сум дислексична. Направив тест, кој покажа дека сум во почетна фаза на дислексија. За ова не бев свесна во детството, иако, сега кога ќе се навратам, се сеќавам дека, и покрај тоа што многу читав, сепак се случуваше да прескокнам многу долги реченици. И сега се случува истото, но сега сум повозрасна и посвесна, па им се навраќам на речениците. Затоа, многу ми е драго што книгата е „дислексија френдли“ – рече авторката на крајот.

Снешка Путинска Трајковска е родена во 1980 година во Скопје. Има завршено средно училиште во „Раде Јовчевски-Корчагин“, а ја делат уште неколку испити до завршување на Педагошкиот факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип. Авторка е на популарната фејсбук-страница Огнените ѕверови на Дамјана. Книгата „СНЕШКО. Дневникот на едно кутре“ ја има напишано во 2007 година, по вистински случувања, но објавена е во 2021 година.

Анета Илиевска е родена во 1974 година во Скопје. Љубовта кон уметноста кај неа се раѓа уште како дете, по што се запишува во средното училиште за применета уметност „Лазар Личеноски“ во Скопје, на насоката за графика. Од 1993 година работи како графички дизајнер. Покрај богатото портфолио, има дизајнирано корици за неколку стотици книги, а „СНЕШКО. Дневникот на едно кутре“ е прво издание каде што се јавува и како илустратор. Од 2017 година активно се занимава и со фотографирање, за што има добиено повеќе награди и признанија, а учествувала на неколку македонски групни изложби.

Книгата „СНЕШКО. Дневникот на едно кутре“ е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.

Целата промоција на книгата можете да ја погледнете ја ОВДЕ.

* ПР - објава


Објавена во: После „Школо“ // PR

Можеби ќе ве интересира: