Со континуирана модернизација на мобилната мрежа, Телеком се подготвува за 5G
Македонски Телеком продолжува со модернизација на мобилната мрежа и замена на опремата со најнова технологија, што е подготовка за имплементација на мрежата на петтата генерација.
Планот е да се опфати целата територија на Македонија. Од август до сега успешно се реализираше модернизацијата во регионите: Штип, Кавадарци, Неготино, Градско, Велес, Прилеп, Крушево, Демир Хисар и Битола, а октомври и ноември ќе се продолжи во Ресен, Охрид и Струга.
Со досегашните активности една третина од мрежата на Телеком е подготвена за 5G, а според планот во втората половина на 2022 година со 5G сигнал ќе може да се опфатат две третини од населението, вклучително и градот Скопје. Со модернизацијата, освен што ќе се создадат услови за воведување на најновите технологии значително ќе се зголеми капацитетот на мрежата и ќе се подобри корисничкото искуство.
Пионери во 5G имплементација
Од првите тестирања до имплементацијата на терен, проектот за 5G на Телеком континуирано се спроведува веќе три години, со цел на корисниците да добијат поголеми брзини и одлична услуга. Во 2018 година Македонски Телеком го изведе првото 5G демо и измери гигабитни брзини. Тука почна приказната за 5G во Македонија, а веќе наредната година беа поставени првите тестни базни станици во центарот на Скопје и Охрид. Истата година Телеком постави уреди за тестирање на оваа најнова технологија на Институтот за комуникаци и базна станица на ФЕИТ, со што студентите и професорите беа меѓу првите што ја тестираа 5G во реални услови.
Со модернизацијата на мобилната мрежа на Телеком што се одвива во моментов се создаваат реални услови за воведување на 5G технологијата.
* ПР - Објава