Соња Трајковска: Првиот „Македонски-унгарски разговорник“ го напишав поради недостиг на домашна литература за овој јазик
Со цел да им го приближи унгарскиот јазик на македонските граѓани, авторката Соња Трајковска го напиша првиот „Македонско-унгарскиот разговорник“ кој вчера беше промовиран онлајн на фејсбук-страницата на „Литература.мк“. Се работи за кратко, но конструктивно дело во кое се вметнати секојдневни фрази што ќе му помогнат на секој турист или посетител да се снајде додека е во оваа земја, а воедно е вклучен и мал речник на термини.
Трајковска на оваа книга соработувала со лекторката Шарлота Папаи која сега живее во Унгарија, но четири години престојувала во Скопје и работела како лектор по унгарски јазик. Разговорникот го објави издавачката куќа „Арс Ламина“ и е достапен во книжарниците „Литература.мк“ како и да се нарача онлајн на www.literatura.mk.
Онлајн-промоцијата ја водеше уредникот на книгата, Филип Видиновски, а покрај авторката учествуваше и лекторката Папаи. Трајковска истакна дека го совладала унгарскиот јазик уште како дете со оглед на тоа дека е родена во таа држава и воедно нејзината мајка е Унгарка. Но, во факултетските денови во Македонија, иако сакала да се запише на студии за подлабоко да го совлада тој јазик, ја немала таа опција со оглед на тоа дека не постои катедра по унгарски јазик.
– Барав и стручно издание за подлабоко да го научам јазикот, но немаше во книжарниците. Поради тоа одлучив дека треба да се почне со нешто, односно со еден мал разговорник кој може да помогне во секојдневна комуникација. Љубопитни туристи, луѓе на состаноци со негова помош може се снајдат кога ќе отидат во Унгарија. Разговорникот е конципиран за Македонците, односно унгарскиот јазик има специфични букви кои се тешки за читање поради што зборовите се напишани со посебен изговор и на кирилица за да не се појави проблем во читањето – истакна Трајковска и додаде дека во иднина размислува за адаптација на овој разговорник, но за Унгарците како и амбициозен проект – да се направи и речник.
* ПР - објава