Соодветната рана и континуирана едукација кај младите ќе придонесе за заштита: Кампањата на РАЖМ „ЛУЛУДИ“ заврши, но не и на борбата против трговијата со деца
„Зарem ова се случува кај нас? Јас мислам дека ова се случува само во филмовите“ е една од изјавите на една ученичка-учесничка на едукативните работилници.“ – загрижено посочуваат од РАЖМ „Лулуди“.
Трговијата со деца е глобален проблем. Во 2019 година, од идентификувани 6 вистински жртви, 4 биле деца. Во 2020 година беа идентификувани 7 жртви на трговија со луѓе, од кои 6 беа деца. Просекот е 75,5% деца од сите идентификувани жртви. Сите 10 идентификувани деца-жртви се девојчиња. Поради цели на експлоатација за двете годинисе идентификувани 6 жртви на сексуална експлоатација (60%), 2 жртви на присилен брак (20%), 1 жртва на трудова експлоатација (10%) и 1 жртва на присилно питачење (10%).
„Формите од трговијата со луѓе многу малку се познаваат и многу малку се говори на оваа тема. Ова го искажуваат и учениците во спроведената анализа каде што од повеќе од 400 ученици 14.14% одговориле дека не се запознаени, а ¾ од учениците се запознаени со овој поим, но одговорите на подеталните прашања околу формите на трговија со луѓе покажуваат дека учениците не се сигурни кои се сите облици на трговија со луѓе. Од сево ова може да се заклучи дека младите не се доволно информирани за формите на трговија со луѓе и голема е потребата од детално разјаснување на младите што сè се подразбира под трговија со лица.“
Ромската асоцијација на жени и млади „Лулуди“ со поддршка од Европска Унија и Советот на Европа во рамките на заедничката програма на ЕУ и Советот на Европа - Хоризонталeн инструмент за Западен Балкан и Турција“ (Horizontal facilitiy II) 2019-2022 година, од септември 2020 година до мај 2021 година го спроведуваше проектот „Сите заедно во спречување на трговијата со деца и девојки“.
Под слоганот „Информирај се! Секој може да биде жртва на трговија со луѓе“, РАЖМ „Лулуди“ заедно со лoкалните соработници ја водеше јавната кампања во која беа вклучени 10 средни училиште и средношколци од пет града од нашата држава. Подигнувањето на свеста на јавноста за трговијата со деца и различните форми на експлоатација беше главна цел на оваа кампања. Клучните пораки кои средношколците ги испратија преку оваа кампања е дека секој може да биде жртва на трговијата со луѓе, информираноста и едукацијата е прв чекор на заштита, посочувајќи ги и начините на препознавање, пријавување и заштита од трговија со луѓе
Петте промотивни и едукативни видеа (може да ги погледнете тука или на овој линк), ги изработија околу 50 – тина ученици, по стекнатото знаење од 23 спроведени едукативни работилници од областа на трговија со луѓе, каде што особено внимание се посвети на препознавањето и пријавувањето на можните инциденти и случаи на трговија со деца, зголемувањето на партиципацијата во превенирањето и спречувањето на трговијата со деца на локално и национално ниво во Р.С.М, како и поттикнувањето на локалното делување во справувањето со трговијата со деца, особено на нејзините модерни форми.
„Мислам дека треба да се изнајдат и да се зборува повеќе за решенија на таквите проблеми. Мислам дека луѓето во вакви ситуации не знаат како треба да постапат, а со ваквите едукации се одговара на прашањето како да се насочат кон правилното.“ – посочува еден од учесниците на едукативно-превентивната работилница.
Во Анализата на наодите од истражувањето за перцепциите и сфаќањата на средношколците/ките за трговијата со луѓе, една од препораките е потребата од поквалитетна превенција од трговијата со деца и адаптирање на програмите за превенција на возраста и потребите на целните групи со што ќе се придонесе кон подобро препознавање на појавните облици на трговијата со деца особено на посовремените и модерни форми или т.н. сајбер/компјутерски форми на ова кривично дело. Согледана е и потребата од активна партиципација на институциите во соодветна едукација и превенција.
Анализата која е спроведена во рамки на проектот е со цел да се даде слика на перцепциите и сфаќањата за трговијата со деца на средношколците кои беа вклучени во овој проект и кои учествуваа на едукативно-превентивните работилници, а во кои учество земаа повеќе од 400 ученици од 10 средни училишта од Скопје, Тетово, Куманово, Штип и Прилеп.
„Успешно спроведовме основна едукација за трговијата со луѓе кај над 400 средношколци од различни возрасти и етнички заедници, со поголема вклученост и фокус на девoјките, особено девојките Ромки. Увидовме потреба од ваков начин на работење со младите да се прошири и во други градови во државата, да се опфатат други училишта, ваквата едукација и информација покрај средношколските деца потребно е да бидат опфатени и едуцирани децата од основните училишта - особено од седмо до деветто одделение. Силно веруваме дека единствено соодветната рана едукација кај младите ќе придонесе кон поголема заштита и превенција младите да не влезат во синџирот на трговијата со деца. Воедно, неопходна е едукација и блиска соработка со родителите, старателите на младите како и активна вклученост на локалните и националните институции во едукација и превенција кај младите.“ – ни посочи Кјмет Амет, извршната директорка на РАЖМ „Лулуди“.
Наодите од „Анализа на наодите од истражувањето за перцепциите и сфаќањата на средношколците/ките за трговијата со луѓе“, како и севкупните резултати од проектот РАЖМ „Лулуди“ со соработниците ќе ги презентираат на завршната конференција на проектот, на 27 мај, четврток на платформата „ЗУМ“ (Линк за регистрација: https://bit.ly/3wikmrM). На настанот ќе имаат излагање и средношколците кои беа дел од проектните работилници и јавната кампања и кои по едукацијата делуваат како млади промотори во спречување на трговијата со деца и девојки.
Активностите во рамки на проектот „Сите заедно во спречување на трговијата со деца и девојки“ РАЖМ „Лулуди“ ги спроведува во директна соработка со локалните организации: Здружение на мултиетничко општество за човекови права-Штип, Центар за ромска заедница „Дром“ од Куманово, АДРР „Сонце“ од Тетово , Рома Перспектив - Прилеп и ЗГ „Ромаверзитас“- Скопје и со средните училишта: СОУ „Никола Штејн“ – Тетово, СОУ „Орде Чопела” – Прилеп, СОУ „Ѓорче Петров” – Прилеп, СОУ „Димитар Мирасчиев“- Штип, СОУ „Коле Нехтенин“”- Штип, СОУ ,,Јане Сандански” – Штип, СОУ „Перо Наков“- Куманово, СОУ „Наце Буѓони“-Куманово, СУГС „Шаип Јусуф“- Скопје, и СУГС „Арсени Јовков“ – Скопје, и со поддршка од Министерството за образование и Бирото за развој на образованието и општините: Град Скопје, Тетово, Штип, Куманово и Прилеп.