Стефан Тиќми: „Капут од мов“ е потсетување дека уметноста ќе го спаси светот

Стефан Тиќми: „Капут од мов“ е потсетување дека уметноста ќе го спаси светот

Објавена во: После „Школо“ // PR

Како во прегратката на раскошна крошна од дрво (со книги), во пријатниот и топлиот амбиент на книжарницата „Литература.мк“ на улица „Македонија“, вчеравечер (9 ноември) беше промовиран новиот роман за деца и млади „Капут од мов“ од наградуваниот српски писател Стефан Тиќми.
Магијата од оваа модерна бајка, која на македонски јазик е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, можеше да се почувствува во текот на промоцијата. Промоторите: уредничката Оливера Ќорвезироска и литературниот и историски теоретичар Ермис Лафазановски ја претставија книжевната, лингвистичката, но и фолклористичката димензија на приказната.
Ќорвезироска истакна дека романот, иако е, пред сѐ, наменет за деца, сепак е книга и за возрасни, односно за чувствителни. Таа ги спореди делата на Тиќми со „Малиот принц“, „Галебот Џонатан Ливингстон“ и со романите на Игор Коларов.

„Капут од мов“ е поетски роман за созревањето, за осаменоста, за уметноста, за љубовта и за природата како лек против најразличните проблеми на современиот човек заглавен во односите со другите, но и со себеси. Во него има и магичен реализам и епска фантастика и бајковитост, но најмногу од сè го има разгранетиот талент на Тиќми.
Авторот на популарниот и сакан роман „Јас сум Акико“, добитник на наградата на „Политикин забавник“ за најдобра книга за деца напишана на српски јазик во 2018 година, во „Капут од мов“ ја извишува крошната на својот талент, така што и небото и шумата на книжевноста му прават сè поголемо место. Приказната за Најден, кому на грбот му расте дрво, е приказна за сите наши тежини и товари, но и лирско трасирање на патот по кој треба да заминеме или да се вратиме кон суштината. Топла, креативна, мајсторски засадена приказна никната како чудесен роман. И за деца и за возрасни.

Тиќми вели дека главната порака на „Капут од мов“ е дека уметноста може да биде спас од тешката реалност.
– Дали уметноста ќе го спаси светот е тешко прашање и зависи од тоа на кое око ќе се разбудиш... Често се навраќам на разговорите на Хорхе Луис Борхес и Ернесто Сабато, кои споменуваат еден експеримент, во кој човек кој штотуку заспива, постојано го буди некој. Нивната теорија е дека на крајот, човекот, кој постојано го скорнува некој (и не му дозволуваат да заспие и да сонува) може да полуди. Така и со уметноста. Соништата (изразени преку уметноста) постојат за да можеме да ја преживееме реалноста... Судбината на главниот лик во книгата – Најден – е навистина тешка, но ќе најде спас во уметноста. Оттука и пораката на приказната, дека преку уметноста луѓето можат да бидат спасени, дека таа на крајот може да биде лек... Дури посилен од хемотерапија – изјави тој.

Преку дрвото, кое Најден го носи на грб, авторот го претставува товарот што еден млад човек го носи на плеќи. Истовремено, тоа е своевидна лична посвета, омаж кон детството, поминато во игра качен на дрво.
– Дрвото е навраќање на дрвото од моето детство, на кое се качував. Целото детство го поминав опкружен со природа, растенија, птици и дрвја, така што, некако ми беше лесно да го пренесам на хартија. „Капут од мов“ во суштината е слика за моето опкружување додека растев, кое дојде некако спонтано. Тоа е некој вид на мајчина утроба од растенија, каде што си заглавен, а на грб ти стои тој капут од мов и те грее и те чува од сите зли сили што те опкружуваат... Најден е статичен главен лик и „патот на јунакот“, односно приказната, се одвива некако во него. Првиот дел од книгата е некој вид на негово самосознавање, со монолози што ги води со себе, за подоцна да прерасне во некој вид карневал, каде што целото гратче се вклучува во таа негова приказна, за да се разреши неговата мака – вели тој.

Ермис Лафазановски ја согледа фолклористичката и митолошката страна на приказната за јунакот кому од грбот му расте дрво, а направи и паралела и со слични мотиви од поп-културата.
– Кога првпат се сретнав со книгата се сетив на филмот „Како Хари стана дрво“ од Горан Паскаљевиќ, каде што главниот лик, во обид да ја зачува честа (во општество каде што преовладува неморалот), се претвора во дрво. Во тој случај, дрвото е симбол на стабилноста. Исто така, се потсетив и на една наша народна приказна, прераскажана од Марко Цепенков, за момче, кое по направен грев, Бог го утепал и закопал легнат на стомак. Од грбот му пораснал бор висок до небото. Се верува дека тоа дрво сè уште постои... Фасцинантно е што во египетската митологија божеството на земјата на некои слики е претставен легнат на стомак, а од грбот му расте огромно дрво преку кое се симболизира целиот свет. Кога го прочитав романот на Тиќми, не можев а да не направам паралела со овие приказни од египетската и словенската митологија. Иако авторот вели дека многу малку е запознаен со историските и митолошките приказни за оваа појава, сепак има смисла и исконско поврзување со пораката – рече Лафазановски.

Преводот на „Капут од мов“ на македонски го направи Дејан Василевски. Уредничката Ќорвезироска истакна дека „преводот на Василевски е меко слетување на српскиот јазик на пистата на нашиот, македонскиот јазик. Без ниту најмали турбуленции, какви било непредвидливи ситуации, ниту, пак, со прегрубо допирање на тлото... Значи, неосетно и удобно, кажано метафорично, мошне професионално, едноставно и директно. Таа нагласи дека делата на Тиќми воопшто не се едноставни за превод, бидејќи тој спаѓа во авторите кои го моделираат јазикот, си играат со него, коригираат, надградуваат и преформатираат изреки, поместуваат букви, при што се добиваат сосем други семантички резултати, но и се остварува еден впечатливо духовит, напати хумористичен ефект“.

Илустрациите се на Добросав Боб Живковиќ. Ова е втора книга од Тиќми објавена на македонски јазик, по популарната „Јас сум Акико“ – која ја доби наградата на „Политикин забавник“ за најдобра книга за деца напишана на српски јазик во 2018 година. Двата романа („Капут од мов“ и „Јас сум Акико“) се класифицирани меѓу најдобрите 200 детски книги на светот во престижниот избор на списанието „Вајт рејвенс“ (White Ravens), што го издава Минхенската библиотека (Internationale Jugenbibliothek).
По книгата „Јас сум Акико“, денеска во Скопје, во КИЦ, премиерно ќе биде одиграна претстава во продукција на независниот македонски театар „Провокација“.

Книгите од Стефан Тиќми се достапни во книжарниците на „Литература.мк“, како и онлајн, преку http://www.literatura.mk

ГАЛЕРИЈА:


ПР објава

Објавена во: После „Школо“ // PR

Можеби ќе ве интересира: